Во врска со одредениот притвор, од ОЈО ГОКК вечерва информираа дека судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје од образложението на јавниот обвинител го имал предвид фактот дека против првоосомничениот веќе се води постапка во Обвинителството за истото кривично дело и дека за тоа претходно веќе му била одредена мерка притвор која Кривичниот совет на судот ја заменил со мерки на претпазливост, а што било потврдено и од Апелацискиот суд
Триесетдневен притвор им е одреден на тројца жители на селото Студеничани – татко и двајца синови, кои на нивниот имот во подрум во заложнички услови држеле шест илегални мигранти.

Притворот им е одреден откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска донело наредба за спроведување истражна постапка против трите лица кои се товарат за кривичните дела огранизирање група и поттикнување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење мигранти, како и за кривичното дело криумчарење мигранти.
Случајот, како што соопштија од ОЈО ГОКК, бил откриен вчера кога на електронската пошта на Службата за односи со јавност на Обвинителството стигнала порака со линк од локација и содржина: „Ние сме 6 странци и бевме киднапирани од вооружена група која бара пари за да нè ослободи. Ве молиме за итна помош. Се наоѓаме на оваа локација, во складиштето на куќата. SOS!“
Во координација со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, пораката веднаш била проследена до Секторот за компјутерски криминал во Министерството за внатрешни работи и по брза реакција и извршен претрес во подрум на станбен објект во Студеничани биле најдени шестемина илегални мигранти, од кои пет малолетници и едно деветнаесетгодишно лице.
Според деталите што ги сподели Обвинителството во врска со случајот, меѓународната мрежа за шверц на мигранти во текот на месецов ја организирале двајца од осомничените заедно лице со потекло од арапските земји кое престојувало во Грција и повремено доаѓало во земјава.
Мигрантите со помош на водичи, таканаречени „качаци“, со возила биле пренесувани од територијата на Грција во земјава, а потоа сместувани од осомничените во Студеничани, од каде што потоа илегално ги пренесувале преку Србија кон држави од Европската Унија.
„На ден 21.03.2025 година илегално биле превезени шестемина мигранти кои првоосомничениот ги сместил и засолнил во подрумските простории на објект сопственост на неговиот татко во с. Студеничани. Со цел мигрантите да не го напуштат објектот, просториите во кои биле сместени биле постојано заклучени, а второ- и третоосомничените го обезбедувале објектот. На мигрантите им давале минимална количина храна и вода, едно шише вода на ден за сите шест мигранти, а подрумските простории можеле да ги напуштат само заради извршување физиолошки потреби“,
се вели во соопштението на ОЈО ГОКК.
Првоосомничениот, кој според соопштението на Обвинителството е еден од синовите, секој ден им се заканувал на мигрантите дека нема да го напуштат подрумот сè додека нивни блиски не платат 5 000 евра за да бидат пренесени во Србија.
„За таа цел најпрво им ги зел мобилните телефони на сите шестмина, по што во текот на четирите, дена колку што престојувале, на двајца од нив им дозволувал еднаш дневно да остварат видеоповик со криумчарот организатор од арапските земји со цел истиот да ги извести нивните семејства да ги исплатат бараните парични средства“,
наведуваат од Обвинителството.
Во врска со одредениот притвор, од ОЈО ГОКК вечерва информираа дека судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје од образложението на јавниот обвинител го имал предвид фактот дека против првоосомничениот веќе се води постапка во Обвинителството за истото кривично дело и дека за тоа веќе му била одредена мерка притвор која Кривичниот совет на судот ја заменил со мерки на претпазливост.
Имено, решавајќи по жалба на одбраната на првоосомничениот во врска со претходниот случај, Кривичниот совет прифатил гаранција од 185 382 евра во земјоделско земјиште и ја преиначил мерката притвор со мерки на претпазливост.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се жалело на ваквата одлука пред Апелацискиот суд, кој ја отфрлил жалбата и ја потврдил одлуката на Кривичниот совет.
Ова, како што велат од ОЈО ГОКК, резултирало со повторување на кривичното дело.