Првото судење во Специјализираните совети на Косово започнува на 15 септември, кога Салих Мустафа, обвинет за воени злосторства против цивили во четири точки – произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиство, ќе се појави пред Судскиот совет
По шест години од формирањето на Специјализираниот совет и Специјализираното обвинителство на Косово со седиште во Хаг, оваа институција се подготвува за првите судења.
Првото судење во Специјализираните совети на Косово започнува на 15 септември, кога Салих Мустафа, обвинет за воени злосторства против цивили во четири точки – произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиство, ќе се појави пред Судскиот совет.
Според обвинението, злосторствата за кои е обвинет Мустафа биле извршени врз најмалку шест лица „на имот во Злаш во Косово, кој служел како затвор“ од 1 април до 19 април 1999 година. Еден затвореник бил убиен, а во обвинението се тврди дека жртвите беа Албанци, кои ги сметале за нелојални на ОВК.
„Обвинителството ќе има три часа да го претстави случајот, застапникот на жртвите ќе има час и половина да го презентира своето гледиште, додека одбраната ќе го изложи својот став во следната фаза од постапката, по што судечкиот совет ќе даде насоки за тоа во иднина“,
изјави Мајкл Дојл, портпарол на судот.
Судењето започнува на 15 септември, а судот веќе ги закажа првите 15 рочишта – до 14 октомври.
Специјализираното обвинителство ќе има максимум 87 часа за да испита сведоци и да презентира докази, додека одбраната ќе добие половина од времето што го користи обвинителството и една четвртина ќе имаат претставниците на жртвите за вкрстено испрашување. Обвинителството најави дека ќе повика 16 сведоци, од кои само еден нема да сведочи во живо, туку преку видеоврска. Точниот распоред на испитување на сведоци во оваа фаза треба да се достави до судот до петок.
Дури 12 сведоци побараа да сведочат под заштитни мерки, што значи дека нивниот идентитет нема да биде познат во јавноста.
„Според правилата и законите, судечкиот совет има можност да примени неколку заштитни мерки за заштита на сведоците, како што се користење псевдоними или промена на гласот и криење на ликот за време на сведочењето. Важно е да се нагласи дека додека обвинителот не поднесе обвинение, жртвите сè уште можат да пријават во оваа фаза од постапката“,
рече Дојл.
Судењето на Салих Мустафа е првото од четирите судења што во моментов се водат во таканаречениот Хашки трибунал за Косово. Најинтересно за јавноста е она против неколку високи политички лидери на Косово и поранешни воени водачи, меѓу кои е и поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи.