Во интервју за „360 Степени“, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, зборуваше за руските влијанија и дали тие може да влијаат врз зачленувањето на Македонија во НАТО, посебно по официјалното предупредување за нашата земја од Москва.
– Рускиот амбасадор во едно интервју вели дека Русија за разлика од други држави, не им кажува на балканските народи што треба да прават и не им диктира како треба да одлучуваат. Јас сметам дека ова е одлична позиција и дека таа отвора простор да ги градиме билатералните односи и да не дозволуваме стратешките одлуки на Република Македонија да влијаат на нашите билатерални односи – рече Шекеринска.
Таа вели дека аспирациите за членство во НАТО не се нови, туку се уште од 1992, и дека за тоа има целосен политички консензус.
Запрашана за меките ставови на Грција во однос на Русија во изминатиот период и како тие може да влијаат на решавањето на спорот со името и нашиот влез во НАТО, Шекеринска рече дека сегашната состојба во светот не е лесна и не е црно-бела, наведувајќи како пример повеќе членки на ЕУ и НАТО кои имаат силни политички лобија за поблиски односи со Русија.
– Факт е дека Република Македонија за овие теми многу искрено разговарала и со Русија и со земјите-членки на НАТО – рече Шекеринска.
Запрашана за тоа дали во Македонија има активни ќелии од официјална Москва коишто активно работат да нема решение за името и земјата да не влезе во НАТО таа вели:
– Активните ќелии се лесниот дел од задачата, или лесниот дел од проблемот – рече Шекеринска.
Значи ги има, постојат?
– Не, не, не. Секаде кадешто би постоеле тие би биле дел од активности од кои државата се штити. Но, она што станува јасно е дека, не за изборите или одлуките на Македонија за НАТО, туку за едно крупно прашање како што се избори во САД, во Франција, во Германија, веќе е лоцирано влијание од страна на Русија околу можниот победник. Да не гаиме илузии дека тоа баш во Македонија не може да се случи. Дури мислам дека не сме свесни за се она што се случува, не само во Македонија и околу нас. Како да сме во окото на торнадото. Мислиме дека ништо не се случува. Погледнете само на главната истрага која го вклучува Фејсбук, се споменуваат 4-5 земји, една од нив е Македонија. Дека лажните вести продуцирани и ширени на Фејсбук, од Македонија, имале влијание на изборите во клучните светски сили. Така што, тие влијанија, тој тип на хибридна војна, на хибридни влијанија постојат и во Македонија, и мислам дека не треба да бидеме наивни, но не треба и да ги пренагласуваме. Се согласувам со вас, дека во моментов Русија повеќе може да влијае на спорот преку Грција, отколку преку свои влијанија во Македонија – рече Шекеринска.
Напишете коментар