Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за „360 Степени“ на Алсат ја коментираше изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој рече дека влезот на Црна Гора и обидите за вовлекување на Северна Македонија во НАТО ќе резултираат со појавување на воени објекти на нашата територија и дека ќе мора да купуваме оружје направено во САД.
– Ако ми дозволите да употребам една порелаксирана терминологија, тоа е како да го прашате навивачот на МЗТ, да каже некој добар збор за Работнички. Како министер чија задача е, меѓу другото, оваа земја да стане членка на НАТО, критиките се нормален дел од работата. Ние посакуваме добри односи со Русија, како влада и како држава. Посакуваме и односите помеѓу НАТО и Русија да се подобрат. И тоа е изјава која ќе ја чуете од најголемиот дел од министри на земјите членки на НАТО, меѓутоа, за жал, се наоѓаме во ситуација кога тие односи не се сјајни – рече Шекеринска.
Таа забележа дека Русија беше многу експлицитна во последните години против нашето членство во НАТО, забележувајќи дека одлуката за членство во НАТО е од 1993 година и нема никаква врска со сегашната атмосфера помеѓу Алијансата и Русија.
– Министерот можел да спомене дека, ние како независна држава, досега сме имале, не многу купена американска опрема, меѓутоа многу подарена воена американска опрема – рече Шекеринска.
Таа рече дека и пред членството во НАТО се одвојуваа 2,17% од БДП за одбрана. Шекеринска ја оцени изјавата на Лавров како вообичаена, која повеќе е резултат на односите помеѓу Русија и НАТО, отколку состојбите во Северна Македонија и Црна Гора.
Напишете коментар