Кога Северна Македонија преговара со својот сосед, од другата страна не ја има само Бугарија, туку и неговата политичка моќ, која произлегува од членството во ЕУ и нашата желба да станеме членка на Унијата. Кога веќе ЕУ не успеа да ја балансира таа асиметричност со тоа што билатералните прашања на некој начин ќе ги елиминира од процесот, тогаш сметаме дека ЕУ мора да седне на масата и да помогне за да се најде одржлив и продуктивен процес“, рече Шекеринска
Ако минатата година беше тешка година на носење тешки одлуки, во делот на преговарање и прифаќање на францускиот предлог, според Ковачевски, на последниот Самит, спортски кажано, имавме „празен гол и чист пенал“, што како што нагласи, „заради ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Демократски сојуз не го шутиравме“
Геополитичките поместувања во Европа ја подотворија вратата за проширување и тоа е шанса што Северна Македонија треба да ја искористи, но нема да трае предолго. Тезата дека нема потреба од брзање, е погрешна, нереална и многу опасна за нас. Знаеме како изгледа чекање и дека 17 години чекање не донесе ништо подобро, затоа пратениците имаат обврска да донесат одлука за иднината на граѓаните. Заклучокот на Европскиот совет е јасен. Северна Македонија успешно го заврши процесот на скрининг и останува да ја заврши својата обврска за изгласување на уставните амандмани.
Ова беше порачано на панел-дискусијата „Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици?“, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија Скопје и „ПолитикУм“ – Институт за одржливи и иновативни политики.

Претседателката на „ПолитикУм“ и потпретседателка на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), Радмила Шекеринска, во воведното излагање порача дека проширувањето на ЕУ сè повеќе станува геополитички проект и секое поголемо проширување на ЕУ во историјата било и ќе остане геополитичко, како и дека првиот заклучок на групата за изминатата година, бил дека геополитичките поместувања во Европа ќе ја подотворат вратата за проширување и тоа е шанса што Северна Македонија треба да ја искористи, но и дека оваа врата нема да трае предолго и не е гарант дека ќе биде одржлива на долг рок.
– Тезата дека нема потреба од брзање, затоа што тоа што треба и онака ќе дојде, е погрешна, е нереална и многу опасна за нас, изјави Шекеринска.
„Добрата вест е дека во врска со тезата за проширувањето веќе нема дилеми во ЕУ, лошата вест е дека за нас во Северна Македонија и за Западен Балкан тоа не е доволно“,
рече потпретседателката на Партијата на европски социјалисти, Радмила Шекеринска.
Во проект на „ПолитикУм“, а во врска со уставните измени, како што рече, доминирал заклучокот дека ниту еден политички или експертски фактор во изминатите 12 месеци не излегол со листа во која ќе каже дека уставните измени се некаков ризик за државата.
„Главните резерви беа дали уставните измени ќе бидат доволни и дали ќе значат крај на процесот на условување. Тие се наш дел од работата и треба да се завршат“,
рече Шекеринска.
Друга препорака, според Шекеринска, е дека ЕУ мора повремено да седнува на нашата билатерална маса со Бугарија.
„Кога Северна Македонија преговара со својот сосед, од другата страна не ја има само Бугарија, туку и неговата политичка моќ, која произлегува од членството во ЕУ и нашата желба да станеме членка на Унијата. Кога веќе ЕУ не успеа да ја балансира таа асиметричност со тоа што билатералните прашања на некој начин ќе ги елиминира од процесот, тогаш сметаме дека ЕУ мора да седне на масата и да помогне за да се најде одржлив и продуктивен процес“,
истакна таа.
Според поранешната министерка, домашните реформи веќе треба да ги гледаме како цел за себе и дека помалку треба да ги гледаме само низ призмата на ЕУ и нејзнината политика на условеност.
На панелот насловен „Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици?” се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, претседателот на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија, Андреас Шидер, и претседателот на ЕЛИАМЕП, професор на Универзитетот во Атина, Лукас Цукалис.
Ковачевски истакна дека ние никогаш не сме имале појасен заклучок на Европскиот совет, а во заклучокот еден параграф стоеше дека Северна Македонија успешно го заврши процесот на скрининг, останува да ја заврши својата обврска за изнесување на уставните амандмани и без одлагање и дополнителна одлука Европскиот совет ја закажува втората меѓувладина конференција на која се отвораат сите поглавја.
Ако минатата година беше тешка година на носење тешки одлуки, во делот на преговарање и прифаќање на францускиот предлог, според Ковачевски, на последниот Самит, спортски кажано, имавме „празен гол и чист пенал“, што, како што нагласи, „заради ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Демократски сојуз не го шутиравме“.
„Тоа е она што се случи. Стар ризик, ист ризик, исти играчи. Мора да бидеме искрени. Сè она што сега слушаме е замена на тези. Дали оваа реформа била или не била направена, е замена на тези. Ние имаме заклучок што е еден параграф. Чист и јасен. Амандманите и почнува отворање на поглавјата. Сите поглавја ќе беа отворени наеднаш“,
изјави Ковачевски.
Маричиќ порача дека единствената причина зошто годинава не се отворил првиот кластер од преговорите е што немало гласање за уставните измени и покрај сите завршени обврски. Тој упати честитки до целиот тим кој со голем ентузијазам работел во изминатиот период и порача дека сега битката во земјава е битка за консензус на Северна Македонија во Европската Унија до 2023 година.
Шидер нагласи дека Европскиот парламент ја поддржува Северна Македонија и информира дека минатата недела се заврши дијалогот Жан Моне со претставниците од Собранието и нè охрабри да продолжиме со вложување во напорите, а ЕП ќе продолжи со поддршката.
Претседателот на ЕЛИАМЕП, професор на Универзитетот во Атина, Лукас Цукалис, посочи дека мора да се укине правото на вето од една држава во процесот на одлучување на Европската Унија, па дури и за процесот на проширување. Во спротивно, како што кажа, ЕУ нема да биде функционална со 35 ченки.
Цукалис изјави дека Северна Македонија има долго и фрустрирачко искуство со Европската Унија и мило му е што зад нас е Преспанскиот договор и доаѓа како сосед што верува дека земјава ќе се вклучи во ЕУ и Грција ќе стори сѐ да се случи.
„Има земји членки од источниот блок кои декларативно се залагаат за проширување на Унијата, но де факто не сакаат да се откажат од правото на вето“,
рече Цукалис.