Министерката за одбрана сама објави дека нема да биде дел од новата влада, поради, како што рече, принципиелни причини, затоа што не се согласува со дел од политиките на СДСМ во изминатиот период, поради што, во почетокот на годината се повлече и од партиското раководство
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, нема да биде дел од новата влада, што се очекува наскоро да ја формира новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, откако Зоран Заев ќе ја поднесе премиерската оставка во парламентот – чин што тој го најави за следната седмица.
Шекеринска денеска самата објави дека се повлекува од Владата, поради, како што рече, принципиелни причини, затоа што не се согласува со дел од политиките на СДСМ во изминатиот период. Таа посочи дека поради тоа, во почетокот на годинава, решила да се повлече и од раководството на СДСМ, каде што до последниот конгрес беше заменик-претседателка, во два мандати.
„Тогаш најавив дека ќе се повлечам од раководството на СДСМ поради тоа што не се согласував со дел од политиките. И мислам, можеби сум субјективна, дека дел од тие политики придонесоа за поразот што го доживеавме на локалните избори. За жал, мојот впечаток е дека од тие лекции не научивме и дека некои од пораките на јавноста не ги слушнавме или не ги разбравме. Затоа мислам дека единственото чесно или принципиелно поведение, единствената чесна одлука би била да кажам дека нема да учествувам во следната Влада“,
изјави Шекеринска, на прес-конференција во МО, посочувајќи дека за оваа своја одлука ги известила и „колегите“.
Таа оцени дека е задоволна од тоа што го постигнала во својот ресор во изминатите околу 4,5 години.
„Сметам дека во изминатиот период можевме да продуцираме резултати, како Влада, јас како министерка за одбрана, само затоа што покажавме и чесност и одговорност и многу работа. И тогаш вреди. Но, ако не сме принципиелни тогаш мислам дека тие работи нема да дојдат. Во изминатите 4,5 години, како и другите колеги, чувствував дека им служам на граѓаните и на државата и се оддолжив со членство во НАТО, со најбрза воена интеграција и со фокус, грижа и апсолутно променета ситуација во нашата армија“,
рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање.
За разлика од повеќе други министри од СДСМ кои пред неодамнешните внатрепартиски избори отворено застанаа зад кандидатурата на Ковачевски, Шекеринска не се експонираше во однос на изборите за челната функција во партијата, на чие чело беше и таа во периодот од 2006 до 2008 година.
По последниот изборен конгрес на СДСМ, во мај годинава, протече аудио-снимка од дел од нејзино обраќање пред делегатите во кое изразува загриженост поради, како што вели, нерешавање на проблемите, изразување сомнежи за оние што имаат свој став, а не за оние што го кријат поради некаква лична цел….
„Морам да кажам дека за некои работи сум и загрижена и сакам апсолутно да не сум во право. Загрижена сум дека за одредени прашања влегуваме во старата замка или старата опасност, а тоа е да ги затвораме очите од некои проблеми кои само ние можеме да ги решаваме, никој друг. Загрижена сум за тоа чувство дека ако си го одмолчиш своето, нема да има никакви проблеми, а тие проблеми само се зголемуваат. Загрижена сум што е сомнително кога некој има став и некаква позиција, исправна или не, а не кога ги жртвува и ставот и принципите за некаква лична цел. И загрижена сум што повеќе почнавме да им веруваме и да им помагаме на луѓето што ескивираа или се дистанцираа, а помалку на оние што страдаа заедно со нас. И реков, се надевам дека тоа мое чувство дека за некои работи шушкаме, а не зборуваме за да го решиме проблемот, тоа нема да ѝ помогне, само ќе ѝ одмогне на партијата“,
вели Шекеринска во објавената снимка.