Прозивките на релација Радмила Шекеринска – ВМРО-ДПМНЕ за трошењата во Министерството за одбрана продолжија и денеска.
Откако ВМРО-ДПМНЕ, излезе со обвинувања за трошење пари за репрезентации вперувајќи го прстот кон Радмила Шекеринска и Никола Димитров, министерката вели дека ова со посебен акцент на нив двајцата се прави со стратегија за да минимизираат двата успеси – членството во НАТО и отворањето на преговорите со ЕУ.
„ВМРО-ДПМНЕ од својата лабораторија за лажни вести пушта приказни за наводни големи трошења на министрите за одбрана и за надворешни работи, што се разбира не е случајно туку е смислена пропаганда со цел да се минимизираат двата капитални успеси на оваа влада и министрите во чии ресори се одвиваа активностите за зачленувањето на државата во НАТО и отворањето на преговори со ЕУ“,
реагира Шекеринска на социјалните мрежи.
Таа ѝ предлага на опозицијата да ги објави и трошоците на претходниот министер за одбрана.
„Еве да им помогнеме. За две години јас како министерка за одбрана сум потрошила 6 пати помалку од нивниот министер за одбрана Зоран Јолевски за ист толкав период. ВМРО-ДПМНЕ како познати љубители на пари треба да ги знаат овие податоци пред да влегуваат во кампања со цел со лаги да добијат ситни политички поени“,
вели Шекеринска.
Обвинувањата кои доаѓаат од опозицијата веќе втор ден се дека во нејзиниот ресор биле потрошени 17 000 евра. Вчера, конкретно за неа на прес-конференција зборуваше генералниот секретар Игор Јанушев, додека денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, излезе со обвинувања за повеќе функционери од СДСМ, кои според него, за четири дена потрошиле 8 милиони денари (130 000 евра) за репрезентација.
„Да биде апсурдот поголем, најголемиот дел од трошоците по овој основ се направени за патувања во странство, во ист период кога постои забрана за патувања надвор од Република Македонија. Во ова предничат неколку ресори како на пример Министерството за надворешни работи на Никола Димитров со 1 457 517 денари (24 000 евра) и Министерството за одбрана на Радмила Шекеринска со 1 042 398 денари (17 000 евра)“,
рече Арсовски.
*Поврзани вести:
Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести за мои службени патувања и репрезентации
Димитров: Чиста лага е дека МНР потрошило 24 000 евра за патувања за четири дена