Португалското претседателство со Советот на Европската Унија, како што беше најавено, ќе се обиде да најде решение меѓу Бугарија и Северна Македонија до јунскиот Самит на ЕУ
В сабота, пак, според информациите на „360 степени“, во Скопје ќе допатува министерска тројка на ЕУ – шефовите на дипломатиите на Австрија, Чешка и на Словенија
Шефот на дипломатијата на Португалија, Аугусто Сантош Силва, утре ќе ги посети Софија и Скопје, дознава „360 степени“ од дипломатски извори. Силва, според нашите информации, прво ќе слета во Софија, а потоа ќе дојде во Скопје.
Целта на еднодневната мисија на Силва, брифира изворот на „360 степени“, е во детали да се зборува за можен излез од ќор-сокакот во кој западнаа македонските евроинтеграции по ветото од Бугарија. Иако во Софија има техничка влада и земјата е пред нови избори, проценката кај многу земји членки на ЕУ, вклучувајќи го и претседавачот Португалија, е дека ако нема придвижување во јуни, процесот може да остане блокиран на подолг рок. Тоа, пак, оди на штета на кредибилитетот и интересите на ЕУ во регионот, а негативно влијае на стабилноста и кревките демократии во државите од Западен Балкан.
Нема потврда дека шефот на португалската дипломатија Силва со себе носи документ (нон пејпер) кој би бил основа за продолжување на дијалогот и можен договор меѓу Скопје и Софија.
Посредничката мисија на Португалија во понеделникот во интервју за „360 степени“ ја најави вицепремиерот Никола Димитров.
„Има сигнали за позасилен ангажман на португалското претседателство бидејќи тука дипломатијата зад затворени врати дава поголеми шанси, не знам колку од мене е мудро повеќе да кажам, но чесно е да кажам дека очекуваме засилен ангажман од португалското претседателство кое има добра волја. Географски се далеку, нивната позиција на чесен посредник е јасна, сакаат успех и сакаат да го завршат тоа што го почна германското претседателство и да ја спроведат одлуката на Советот од март 2020 година“,
изјави Димитров за „360 степени“.
В сабота, пак, според информациите на „360 степени“, во Скопје ќе допатува министерска тројка на ЕУ – шефовите на дипломатиите на Австрија, Чешка и на Словенија. И нивното доаѓање во земјава е дел од пошироката иницијатива за деблокада на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија – усвојување на преговарачката рамка и закажување на првата меѓувладина конференција.
Премиерот Заев, вчера и завчера, имаше серија средби со првите луѓе на Унијата. Пораката што ја прати е дека Северна Македонија е подготвена за разговори, но не по цена на идентитетот и јазикот, и дека кредибилитетот на ЕУ е во прашање ако дозволи непринципиелни, билатерални прашања да го попречат процесот на евроинтеграција.