Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала, информира и дека остварила средба и со вицепремиерот на Северна Македонија, Арбен Фетаи, со кого разговарале за инцидентот и за потребата од преземање брзи институционални дејствија
Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека упатило протестна нота до Северна Македонија барајќи итно и целосно објаснување во врска со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според нив, претседателката Османи била соочена со несоодветен и незаконски третман од обезбедувањето на скопскиот аеродром.
„Министерката Доника Гервала достави протестна нота до властите во Северна Македонија, барајќи итно и целосно објаснување за овој инцидент. Истовремено, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за расветлување на случајот и да се погрижат вакви настани во иднина да не се повторуваат“,
велат од косовското МНР.
Гервала, како што се нагласува, веднаш по инцидентот во четвртокот вечерта и во петокот се сретнала со амбасадорката на Северна Македонија во Косово за да побара појаснување за случајот.
„Министерката оствари средба и со вицепремиерот на Северна Македонија, Арбен Фетаи, со кого разговараше за инцидентот и за потребата од преземање брзи институционални дејствија. Во рамки на преземените дејствија, министерката Гервала вчера попладне примила телефонски повик од нејзиниот македонски колега, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кому таа му ја изразила загриженоста на косовските институции за инцидентот“,
наведуваат од косовското МНР.
Веднаш по инцидентот реагираше и кабинетот на Вјоса Османи од каде што ја изразија својата огорченост од „неприфатливите изјави на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија“, како и од „пропагандата што се развива против Република Косово“.