Се надеваме на еднакво брзо и ефикасно постапување на судот имајќи предвид дека и инвеститорите забрзано се подготвуваат да почнат со градба, велат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ откако Уставниот суд информира дека оформил предмет по нивна иницијатива за ДУП „Буњаковец 2“

Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ информираа дека Уставниот суд оформил предмет по нивна и иницијатива на адвокатката Сузана Јошевска со која се оспорува деталниот урбанистички план „Буњаковец 2“ во кој спаѓа и подрачјето на „Треска“.
„Се надеваме на еднакво брзо и ефикасно постапување на судот имајќи предвид што и инвеститорите забрзано се подготвуваат да почнат со градба. Герасимовски веќе потпиша една дозвола, а од медиумските објави се гледа дека и други инвеститори забрзано собираат милионски суми за да почнат со градба на ‘наполитанките’ кај ‘Треска’“,
велат од „Шанса за Центар“.
Оттаму сметаат дека во недостиг на политичка волја да се сопре спроведувањето на незаконските ДУП-ови кои се косат со Генералниот урбанистички план на Скопје, само судот може да ја врати законитоста во планирањето во Центар.
„За ф-ка ‘Треска’ се бореа граѓани, активисти, архитекти и урбанисти, па и политичка волја за промена имаше до 2020 година кога се прифати напуштање на решението од ДУП-от и се направи конкурс. Општинската власт под раководство на Герасимовски, неколкумина моќници и спрегата со институциите кои го изгубија своето значење, интегритет и кредибилитет може да му пресудат на последниот поголем простор и да си ја потврдат својата улога на непријател на граѓаните“,
стои во нивното соопштение.
Претходно денеска и Уставниот суд информира дека е оформен ваков предмет и дека подносителите во иницијативата наведуваат дека „донесената одлука за ДУП е во спротивност со владеењето на правото содржано во членот 8 од Уставот, како и дека е во спротивност со членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање“.
Инаку, од граѓанската иницијатива, која има тројца советници во Општина Центар, континуирано го обвинуваат градоначалникот Горан Герасимовски дека спроведува бетонизација на „Треска“. Досега тој се бранеше дека ако не се постапува по актуелниот ДУП, тогаш тоа е кршење на законот.