Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да почнат завршните зборови во судскиот процес за предметот познат во јавноста како „Шамарите во Општина Центар“, кој е еден од првите два случаи за кои СЈО своевремено подигна обвиние.
Како обвинети за насилство во случајот беа опфатени 14 лица, од кои првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, а второобвинет е ексминистерот Миле Јанакиески. Помеѓу обвинетите е и поранешната пратеничка и советничка во Општина Центар, Даниела Рангелова.
Тие се товарат за поттикнување и организирање на насилните протести пред просториите на Општината летото во 2013 година кои, според обвинителството, биле организирани со образложение дека се против наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност причината била да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“. Во тој период локалната власт во Центар ја имаа СДСМ и коалицијата, со Андреј Жерновски како градоначалник, додека извршната власт и Градот Скопје беа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска се очекува со завршни зборови да настапи обвинителството, по што ќе биде познато дали и одбраната денеска ќе почне со своите заврши зборови или ќе се закаже уште едно рочиште.
Застапници на обвинението се Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи, кои го водеа случајот уште кога беше во рацете на СЈО, а со овластување на републичкиот обвинител Љубомир Јовески останаа надлежни и откако предметите беа преземени од редовното обвинителство.
Завршните зборови следуваат по минатото рочиште на кое имаше дополнување на постапката. Одбраната бараше дополните сведоци, меѓу кои и владиката Агатангел за, како што велат, да докажат дека ВМРО-ДПМНЕ не ги организирала протестите бидејќи, всушност, владиката повикувал на протести против уривањето на започната изградба на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“. Адвокатите на Миле Јанакиески бараа да се слушаат и нови „бомби“ бидејќи посочуваа дека двата телефонски разговора кои биле пуштани во судница не се единствените.
Случајот „Шамарите во Центар“ пред пресуда стигнува по повеќе од три и пол години откако беше закажано првото рочиште (16 декември 2016). Рочиштата за овој предмет беа повеќепати одложувани поради отсуство на некој од вклучените во постапката, но и поради седницата на Советот на јавни обвинители во врска со постапката за разрешување на Катица Јанева (29 август 2019), поради примопредавањето на предметите од СЈО во ЈО (10 септември 2019) и поради тоа што предметот со сите списи беше даден во Судскиот совет (25 септември 2019).
Во овој случај веќе има три пресуди: Осуден е Мирко Пецев кому му се судеше во одвоена постапка, како и двајца обвинети кои признаа вина и добија условни казни. За еден обвинет, пак, беше определено задолжително психијатриско лекување.
