Ако Педагошката служба констатира дека во учебниците нема повеќе од 30 отсто грешки, тогаш ќе се најде начин коригираат грешките кои се веќе дел од испечатените учебници. Ако, пак, тие содржат повеќе од 30 проценти грешки, Шаќири вели дека учебниците ќе бидат повлечени
Министерството за образование и наука (МОН) до крајот на неделава треба да добие информација за сите забелешки кои Педагошката служба како грешки ќе ги пронајде во учебникот по Историја и општество за петто одделение кој последниве денови предизвика лавина реакции во јавноста поради изобилието неточни информации кои се пласираат во него.
Ова вечерва го најави ресорниот министер Јетон Шаќири кој кажа дека до почетокот на второто полугодие сигурно ќе се најде решение за спорниот учебник.

„Треба да се утврди дали освен овие забелешки кои досега беа пријавени има и други забелешки и да се утврди дали се тие технички или содржински. Ако се утврди дека во учебниците има помалку од 30 отсто грешки, тогаш ќе се коригираат и ќе се вратат во употреба. Ако има над 30 проценти грешки ќе заземеме став дека учебникот ќе биде повлечен“,
изјави министерот Шаќири во гостувањето на Телевизија 24.
Тој додаде дека ако Педагошката служба констатира дека во учебниците нема повеќе од 30 отсто грешки, тогаш ќе се најде начин како да се коригираат грешките кои се веќе дел од испечатените учебници.
Министерот вели дека тој нема директна одговорност за тоа како учебникот по историја за петто одделение успеал да ги помине сите законски пропишани филтри и притоа да биде испорачан со низа грешки.
„Не е проблем да се бара одговорност кај министерот, но за сите учебници, во сите овие филтри, во Националната комисија, во Педагошката служба, ниту во постапките во кои се вклучени рецезентите не е вклучен министерот или дел од кабинетот на министерот. Според мене, и рецезентите, и Бирото за образование и авторите, секој од нив требало да има забелешки за да немавме ваква ситуација во дел од учебниците“,
вели Шаќири.
Претходно денеска и премиерот Димитар Ковачевски застана во одбрана на Шаќири во контекст на низата грешки кои се провлекуваат во учебникот по историја за петто одделение. Ковачевски рече оти учебникот не го пишувал министерот, туку авторите, а рецензијата ја прават рецензенти. Тој им порача на на авторите и рецезентите повеќе да внимаваат додека ги пишуваат и рецензираат учебниците.
Денеска реагираше и Здружението на историчарите по повод објавувањето на учебникот по предметот Историја и општество за петто одделение од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска. Во конкретниот учебник, како што посочија оттаму, нотирани се редицата пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла.
Од Здружението најавуваат дека во најскоро време до МОН ќе достават детална критичка анализа на учебникот, врз основа на која ќе се побара тој да биде повлечен од употреба, а целата концепција за основно образование да се преиспита и за неа одново да се поведе реална јавна дебата.