По добивањето конкретни податоци какво влијание има интегрирањето на тие предмети врз неделниот фонд на часови на тие што ги предаваат, а исто така и содржински, ќе одговориме на сите тие што имаат пратено допис или јавно реагираа, рече министерот за образование и наука
Реакциите околу менувањето на наставната програма за шесто одделение со која се интегрираат предметите Историја, Географија и Граѓанско образование, министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека ќе ги достави за мислење до Бирото за развој на образованието.
„Тоа е институција која ја има предложено Концепцијата за основно образование и која треба да анализира какво влијание има интегрирањето на предметите врз учебната програма и реакциите во однос на предметите Историја и Географија“,
рече Шаќири.
Откако ќе добиеме конкретни податоци, како што најави министерот, МОН ќе извести за ситуацијата.
„По добивањето конкретни податоци какво влијание има интегрирањето на тие предмети врз неделниот фонд на часови на тие што ги предаваат, а исто така и содржински, ќе одговориме на сите тие што имаат пратено допис или јавно реагираа“,
изјави Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по учеството на тркалезната маса „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“.
Тој рече дека со новата концепција има порано интегрирање на предметите во модули што треба да се учат во една учебна година како група на предмети во Природни науки и Општествени науки.
„Интегрираните предмети почнуваат од петто одделение според Концепцијата за основно образование и оваа година продолжуваат во шесто, а наредните години и во седмо, осмо и во деветто одделение“,
рече Шаќири.
Од Здружението на историчарите на Република Македонија вчера побараа Министерството за образование и наука да стави мораториум на Концепцијата и под итно да организира широка јавна дебата, која ќе биде заснована на сеопфатна анализа која ќе ги артикулира и досегашните негативни импликации од нејзиното воведување, како и ставовите на научната и академската заедница. Во меѓувреме, додека не се подготви и усвои нова Концепција, тие бараат да се продолжи со досегашните наставни програми. На тој начин, според нив, ќе се спречат идните штетни последици за учениците, наставниците, како и за севкупниот македонски образовен систем и за граѓаните и државата во целина.
Историјата мора да остане посебен предмет, сметаат од Здружението на историчарите и воедно ги поддржуваат колегите кои сметаат дека предметите Географија, Граѓанско образование, Биологија, Хемија, Физика треба да се изучуваат посебно.