Во рамките на процесот, додаваат од МНР, Северна Македонија ќе може да ги користи алатките на Центарот за да ја засилува сопствената отпорност од хибридни напади и да ја зајакне заштитата на критичката инфраструктура
Како дел од регионот на Западен Балкан кој е изложен на кибер напади, Северна Македонија е прифатена во НАТО центарот за сајбер одбрана и е во процес на полноправно членство, соопшти денеска Министерството за надворешни работи, информирајќи за официјалната посета на министерот Бујар Османи во Центарот за кооперативна сајбер одбрана со седиште во Талин, Естонија.
Во рамките на процесот, додаваат од МНР, Северна Македонија ќе може да ги користи алатките на Центарот за да ја засилува сопствената отпорност од хибридни напади и да ја зајакне заштитата на критичката инфраструктура.
„На средбата со директорот на Центарот, Март Норма, министерот Османи потенцираше дека сајбер безбедноста е високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија, која презема низа активности за јакнење на национални капацитети за справување со овој тип предизвици, базирани на националните стратегии за сајбер безбедност и хибридни закани“,
се наведува во соопштението на МНР.

Османи информирал дека Владата во континуитет соработува со сите засегнати страни – приватната индустрија, истражувачката и академската заедница и граѓанското општество на подобрување на превенцијата, одговорот и закрепнувањето од нападите на критичната инфраструктура, кои со почетокот на војната во Украина се позачестени и поинтензивни.
НАТО Центарот за кооперативна сајбер одбрана е основан во 2008 година, и има статус на Меѓународна воена организација. Неговата мисија е поддршка на земјите членки и НАТО со единствена интердисциплинарна експертиза во областа на истражувањата, обуки и вежби за сајбер-одбрана.