Севернокорејската централна новинска агенција (КЦНА) соопшти дека вчерашното тестирање било со цел да се провери подготвеноста на моторите на цврсто гориво и маневарските способности на хиперсоничната боева глава, пренесува Ројтерс
Северна Кореја објави дека тестирала нова ракета на цврсто гориво со среден дострел, опремена да носи хиперсонична боева глава, јавуваат светските агенции повикувајќи се на севернокорејските државни медиуми.

Веста за тестирањето на ракетата е објавена денеска, еден ден откако воените сили на Јужна Кореја и Јапонија детектираа лансирање на ракета од област во близина на главниот град на Северна Кореја – Пјонгјанг. Инаку, станува збор за прво тестирање на балистичка ракета од страна на Северна Кореја во 2024 година.
Тестирањето доаѓа два месеци откако Пјонгјанг објави дека извршила успешно тестирање на моторите на балистичка ракета со среден дострел, која како погон користи цврсто гориво.
Севернокорејската централна новинска агенција (КЦНА) соопшти дека вчерашното тестирање било со цел да се провери подготвеноста на моторите на цврсто гориво и маневарските способности на хиперсоничната боева глава, пренесува Ројтрес.
Според извештајот на КЦНА, тестот бил успешен и не претставувал безбедносна закана за соседните земји. Повеќе детали за тестирањето не се соопштени од страна на агенцијата.
Армијата на Јужна Кореја, пак, соопшти дека проектилот прелетал околу 1 000 километри пред да заврши во водите меѓу Корејскиот Полуостров и Јапонија.
Арсеналот балистички ракети со среден дострел со кој располага Северна Кореја ја вклучува и ракетата од типот „хвасонг-12“, за која се вели дека има дострел кој може да достигне до американската воена база на Гуам во Пацификот.
Инаку, ракетите кои се конструирани за цврсто гориво може да се лансираат побрзо, полесно се движат и технички ја отежнува работата на другата, непријателска страна, при нивното детектирање, пишува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Северна Кореја тестира хиперсонични боеви глави, кои се пет пати побрзи од брзината на звукот од 2021 година.
Доколку Пјонгјанг ги усоврши овие оружја, таквите системи потенцијално би можеле да претставуваат предизвик за одбранбените сили на земјите од регионот, поради нивната брзина и маневарските способности.
Тензиите на Корејскиот полуостров се на највисоко ниво во последните години, откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг ун почна со програми за зголемување на оружените капацитетите на земјата, на што Соединетите Американски Држави (САД) и нивните сојузници од регионот одговорија со засилување на заедничките воени вежби.