Началникот на Генералштабот на Јужна Кореја рече дека инцидентот не предизвикал никаква штета на народот или војската, но додаде дека чинот го загрозува мирот на Корејскиот Полуостров и ги зголеми тензиите
Јужна Кореја нареди евакуација на островот Јеонпјеонг откако Северна Кореја истрела околу 200 артилериски гранати од нејзиниот западен брег кон островот, соопшти рано утринава Министерството за одбрана на Сеул, пренесува АФП.
„Северна Кореја истрела околу 200 гранати во близина на островот Јеонпјеонг“,
изјавил претставник на Министерството за одбрана, а локалните власти во Јеонпјеонг, каде што живеат околу 2 000 луѓе, изјавиле за АФП дека од цивилите било побарано да се евакуираат.
Локален функционер за АФП потврдил дека жителите на вториот остров исто така биле замолени да се евакуираат.
Јужна Кореја го осуди гранатирањето нарекувајќи го „провокативен чин“ и вети дека ќе одговори. За потсетување, во 2010 година севернокорејската армија пукаше десетици пати кон островот Јеонпјеонг, при што загинаа четири лица.
„Инцидентот не предизвика никаква штета, но го загрози мирот“
Артилериските гранати истрелани утринава меѓу 9 и 11 часот по локално време не навлегле на територијата на Јужна Кореја бидејќи сите паднале во тампон-зоната меѓу двете земји.
Началникот на Генералштабот на Јужна Кореја рече дека инцидентот не предизвикал никаква штета на народот или војската, но додаде дека чинот го загрозува мирот на Корејскиот Полуостров и ги зголеми тензиите.
Инцидентот уследи по суспензијата на воениот договор со цел намалување на тензиите
Последниот инцидент доаѓа откако Северна Кореја целосно го суспендира воениот договор со југот кој имаше за цел да ги намали тензиите. Потоа Пјонгјанг рече дека ќе ги укине сите мерки преземени за да се спречи воен конфликт во сите сфери, вклучително и копно, море и воздух и ќе распореди поголеми вооружени сили и нов вид воена опрема во пограничната област.
Северна Кореја го прекрши тој договор повеќепати во изминатите две години лансирајќи проектили и фрлајќи артилериски гранати во морето во правец на југ. Последен пат Северна Кореја истрела артилериски гранати во морето во декември 2022 година, а само во таа година имало девет такви инциденти.
Островот Јеонпјеонг, каде што се наоѓа воена база и има околу 2 000 цивили, е на три километри од спорната поморска граница во Жолтото Море и 12 километри од севернокорејскиот брег. Тој беше сцена на поморски конфликти меѓу двете земји низ годините.