Од свадбата во Скопје, на која имало околу 100 гости, досега се потврдени 14 случаи, а инспекторите и епидемиолозите, како што информира Филипче, се соочуваат со одбивање соработка од присутните на прославата
Вкупно 22 потврдени случаи на ковид-19 досега е билансот од две семејни прослави во Охрид и во Скопје, додека бројката на заразени во штипските конфекции стигна до 126.
Министерот за здравство Венко Филипче информира на денешната прес-конференција дека досега се потврдени осум случаи од прослава во Охрид, на која имало околу 200 гости. Во изолација се 40 контакти.
Од свадбата во Скопје, на која имало околу 100 гости, досега се потврдени 14 случаи на ковид-19. Филипче рече дека во овој случај инспекторите и епидемиолозите се соочуваат со проблем, односно со одбивање соработка.
Во седум штипски конфекции што беа идентификувани како ризични земени се 788 бриса, од кои 126 се позитивни, при што се хоспитализирани 24 од заразените, а другите се на домашно лекување или во самоизолација, во зависност од симптомите. Од издадените решенија за самоизолација, како што рече министерот, околу 400 се контакти.