Дел од мештаните го вратиле снабдувањето со тоа што насилно и противправно влегле во енергетските објекти во сопственост на „Електродистрибуција“, а со тоа предизвикале огромна и неповратлива штета на целиот дистрибутивен систем во регионот, велат од компанијата
Откако жителите на селото Грчец два дена без електрична енергија, од денеска таква е ситуацијата и во Сарај. Од „ЕВН електродистрибуција“ велат дека поради противзаконските манипулации во мрежата направени од засега непознати лица од селото Грчец, предизвикана е хаварија во дистрибутивниот систем поради што без снабдување со електрична енергија денес се и корисниците на дел на територија на Сарај.
„Вчера, во доцните часови, дел од мештаните го вратиле снабдувањето со тоа што насилно и противправно влегле во енергетските објекти во сопственост на ‘Електродистрибуција’, а со тоа предизвикале огромна и неповратлива штета на целиот дистрибутивен систем во регионот“,
се вели во соопштението од „ЕВН Електродистрибуција“.
Оттаму велат дека екипите на „Електродистрибуција“ се на терен со придружба на полиција и се обидуваат да го вратат напојувањето што поскоро на што е можно повеќе корисници.
По сериозниот дефект кој настана во четвртокот наутро како последица на нелегално и неконтролирано континуирано користење на електрична енергија од жителите на Грчец, селото имаше целосен прекин на испорака на електрична енергија.