„Секогаш има аргументи за и против. Ако ја имаме предвид политичката ситуација во која се наоѓаше Алијанса за Албанците во периодот кога се донесе оваа одлука, мислам дека беше потребна одлука. И одлука којашто Алијанса мораше да ја донесе”, вели Села како оценка за одлуката на партијата во февруари годинава да влезе во Владата
Дали Алијанса за Албанците (АА) донесе правилна одлука кога пред околу десет месеци реши да стане дел од владата на СДСМ и ДУИ – беше едно од прашањата до пратеникот и претседател на Централното собрание на АА, Зијадин Села, во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1.
„Секогаш има аргументи за и против. Ако ја имаме предвид политичката ситуација во која се наоѓаше Алијанса за Албанците во периодот кога се донесе оваа одлука, мислам дека беше потребна одлука. И одлука којашто Алијанса мораше да ја донесе“,
вели тој.
Притоа, Села мисли на лошиот резултат на Алијанса за Албанците на изборите за членови на Советот на Општина Тетово во август 2022 година, на кои партијата не освои ниедно советничко место, по што следуваше негова оставка од лидерското место.
„Тешко е да стигнеш секогаш до констатацијата која е вистинска или погрешна одлука. Но, ако ги имаме предвид настаните кои се случуваат внатре и тенденциите од надвор, да не заборавиме дека регионот се наоѓа во тешка геополитичка ситуација, целиот Западен Балкан. Руската агресија во Украина диктира и политички движења кои се прават и во Македонија, како невралгична точка на некој план за да се шири конфликтот итн. И ако имаме предвид дека цел западен свет кој ја има како основа слободата, правдата и мирот меѓу луѓето, е фокусиран во правец на градење на што постабилен регион, влегувањето на Aлијанса за Албанците во Влада, ја стабилизираше Владата“,
вели шефот на Централното собрание на Алијанса.
Села не се согласува дека станува збор за спасување на ДУИ и СДСМ. „Ние спасивме стабилност и дадовме можност на Владата, на граѓаните, Собранието, да носат промени“, додава тој. Сепак, искрен е Села, таквата одлука ѝ дала време и на партијата да се консолидира по смената на лидерството „за да се избегнат недоразбирања“.