Претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на прес-конференција во седиштето на партијата во Тетово објави дека свикува седница на ова партиско тело за в сабота, на која ќе се бара одговорност за претседателот на партијата, Арбен Таравари. Рече дека и покрај одлуката на партиските органи за АА да оди самостојно на парламентарните избори, Таравари решил да оди спротивно на ова по вчерашната објава на Фејсбук во која побара поддршка за АА да оди на избори заедно со опозициските партии на Албанците.
„Со статутот на партијата индивидуата, без разлика дали е претседател на партијата или која било позиција да ја носи, не може да носи одлуки. Тој може само да предлага. Органите што носат одлуки се колективните органи како што е Централното претседателство на партијата. Ние во моментот, иако се зборува по социјалните мрежи дека имаме понуди итн., немаме никаква понуда. Алијанса за Албанците, како прво, не се продава. Не е на пазар. А не може никој, без да знае и која е цената, да ја продава. Затоа ние последниот став што го имаме во партијата, во Централното претседателство, е дека АА оди сама на избори. Тоа е став што е искажан и од претседателот на АА, Арбен Таравари“,
рече Села.
Села рече дека ставот за самостоен настап на изборите е поддржан од 99 отсто од членовите на Централното собрание на партијата.
„Затоа контрабанда на ставот на Алијанса за Албанците преку статуси на Фејсбук ние не можеме да дозволиме. Ја свикувам седницата на Централното собрание за во сабота на која ќе се одлучи за одговорност на претседателот на партијата како највисок орган кој решава помеѓу два конкреси“,
најави Села.
Села го повика Таравари да дојде на собранието и да ја понесе одговорноста за, како што рече, сите нешта што ги направил на грбот на членството.
Потенцира дека на самата прес-конференција се присутни најголем број од партиските функционери, пратениците и претставници на ограноците.
Околу половина час пред јавниот настап на Села, на Фејсбук нов статус напиша актуелниот претседател на АА, Арбен Таравари, во кој се вели дека неговата иницијатива за на изборите да се оди со опозициските партии на Албанците добива подршка од мнозинството членови на Централното собрание.
„По објавувањето на вчерашната изјава на претседателот на Алијансата за Албанците, д-р Арбен Таравари, доброволно се собрани 80 потписи на пратеници од вкупно 133 во Собранието, додека процесот на собирање потписи продолжува. Мнозинството во Собранието на Алијансата за Албанците очигледно е за безбедна промена. Претседателот Таравари повикува на мудрост, разумност и единство за конечно ДУИ да биде испратена во опозицијата. Промената доаѓа!“
пишува во објавата.
Инаку, поделбата во Алијанса за Албанците започна вчера кога Фејсбук стана арената во која првенците на Алијанса за Албанците ги потврдија шпекулациите за длабоките разлики во врвот на партијата за тоа како и со кого да се настапи на претстојните парламентарни избори.
Прв почна актуелниот претседател на Алијанса, Арбен Таравари, кој напиша дека бара поддршка од Централното собрание за да им се приклучат на опозициските партии на Албанците. На ова реагираше генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, кој напиша оти партијата веќе одлучила дека на изборите ќе оди самостојно. Му се приклучи претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој го обвини Таравари дека има шверцерски тенденции и напиша дека тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
Во фејсбук-преписката се вклучи актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, кој е од редовите на АА, и очекувано застана на страната на Таравари споделувајќи ја неговата објава. Меџити не напиша дополнителен коментар.