Министерот Александар Николоски вели дека од издадени над 1 100 лиценци од Министерството за транспорт, досега вкупно се проверени 643. Кај 97 лиценци, или повеќе од 15 отсто, констатирано е дека по издавањето на лиценците правните лица престанале да ги исполнуваат законските обврски врз основа на кои се издадени, поради што ќе се донесат решенија за одземање на лиценците
Николоски рече дека законите во делот на контролата не се јасни. Додаде дека овој чекор го прават со политичка одлука и дека ќе следуваат законски измени со кои ќе биде законска обврска секои шест месеци да се врши контрола на сè што е издадено од институциите

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска информира дека Владата донела одлука да се направи контрола на сите издадени лиценци од министерствата, без разлика на што се однесуваат.
Тој рече дека контролите се во тек и соопшти првични резултатите од оние што ги спровело Министерството за транспорт, согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање.
Николоски рече дека законите во делот на контролата не се јасни. Додаде дека овој чекор го прават со политичка одлука и дека ќе следуваат законски измени со кои ќе биде законска обврска секои шест месеци да се врши контрола на сè што е издадено од институциите.
„Во однос на Министерството, во моментов спроведуваме контрола на сите лиценци согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање и тоа на лиценци за изведувачи на градби од прва категорија, изведувачи на градби од втора категорија, надзор на изградба на градби од прва категорија, надзор на изградба на градби од втора категорија, проектирање на градби од прва категорија, проектирање на градби од втора категорија, ревизија на документација од прва и втора категорија, управител на објекти од прва и втора категорија, управител на градба, лиценци за изработка на урбанистички планови“,
рече Николоски.
Според Николоски, од издадени над 1 100 лиценци, вкупно проверени се 643. Кај 97 лиценци, или повеќе од 15 отсто, констатирано е дека по издавањето на лиценците правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои се издадени поради што ќе се донесат решенија за одземање на лиценците.
„Во бројки, на 13 правни лица одземена им е лиценца А за изведувач на градби од прва категорија, на 34 правни лица одземена им е лиценца Б за изведувач на градби од втора категорија, на 2 правни лица одземена им е лиценца А за надзор над изградбата на градби од прва категорија, на 6 правни лица одземена им е лиценца Б за надзор над изградбата на градби од втора категорија, на 3 правни лица одземена им е лиценца А за проектирање на градби од прва категорија, на 20 правни лица одземена им е лиценца Б за проектирање на градби од втора категорија, на 2 правни лица одземена му е лиценца Б ревизија на проектна документација на градби од втора категорија, на 1 правно лице одземена му е лиценца за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија, на 16 правни лица одземена им е лиценца за изработка на урбанистички планови“,
соопшти Николоски.
Министерот најави и законски измени кои ќе придонесат за подобрување на состојбите во процесот на лиценцирањето.