Премиерот, меѓу другото, изјави дека спомен-центарот е отворен на приватен имот бидејќи, како што рече, ако се работи за општествен имот, дозвола за тоа треба да даде општината. Додаде дека Општина Куманово, во чии рамки е селото Сопот, каде што е отворен комплексот, немала информација во однос на тоа
Истакнувањето на картата на „голема Албанија“ во меморијалниот комплекс во кумановското село Сопот, според премиерот Димитар Ковачевски, е задоцнето 145 години. Ако нешто може да ги отслика односите на Балканот пред 145 или пред 200 години, оцени Ковачевски, се такви слични карти што ги има секоја балканска држава.
Тој ова го изјави во врска со бурата реакции во јавноста по отворањето на музејот во меморијалниот комплекс во Сопот во кој, како дел од експонатите, се најде и мермерна плоча на која е исцртана картата на „голема Албанија“.

Ваквите настани, рече Ковачевски, секогаш со право предизвикуваат бура реакции кај граѓаните.
„Сметам дека она што ние денес го имаме како општетство воопшто не ги прави релевантни таквите мапи бидејќи по 2001 година, по влегувањето во НАТО, ние во нашата држава имаме други мапи коишто се релевантни, а тоа е мапата на државите членки на НАТО и со отпочнувањето на преговорите со ЕУ, мапата којашто ние ќе ја имаме и се надевам сите други земји од Западен Балкан – мапата на обединета Европа. Тоа е единственото нешто што треба да го обединува целиот Балкан, а сè друго е 145 години задоцнето“,
изјави премиерот Ковачевски.
Меѓу другото, Ковачевски изјави дека спомен-центарот е отворен на приватен имот бидејќи, како што рече, ако се работи за општествен имот, дозвола за тоа треба да даде општината. Додаде дека Општина Куманово, во чии рамки е селото каде што е отворен комплексот, немала информација во однос на тоа.
Викендов во кумановското село Сопот беше отворен музеј во рамки на меморијалниот комплекс кој е посветен на жртвите од нападот во Сопот на 4 ноември 1944 година. На настанот присуствуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој потоа на Фејсбук објави фотографии од музејот, а под нив напиша:
„Нашата слобода е заснована во крвта на најдобрите синови и ќерки на нашата нација, во големината на нивниот патриотизам. Вечен нека им е споменот! Слава на сите маченици и маченици на нацијата!“