Го реобјавуваме текстот на авторот Васко Попетревски оригинално објавен во весникот „Дневник“ на 26.2.2010 г.
Трајковски идеолошки ѝ припаѓаше на десницата, стана шеф на државата како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, сакаше да биде претседател на сите граѓани, а остана сам. По толку многу омаловажувања додека беше жив, лицемерство е блага квалификација за да се опише вулгарниот обид од повеќемина сега да се дограбат до политичкото наследство на претседателот. Тоа е само негово. Најчесниот однос кон тоа дело е да признаеме дека Трајковски и неговата политика тогаш останаа неразбрани од многумина
Ги стави рацете на моите раменици и татковски ми се обрати: „Што си се стуткал? Мислиш дека мене не ми е страв? Ама што да правам, морам да стегам заби и да летам. Ајде, опушти се“. Ме потчукна по грбот, ме прегрна и се обиде да ја смени темата.
Небото над Далас, поцрнето од тмурни облаци и растатнето од молњи, не ветуваше дека невремето во тоа мартовско попладне 2002 година набргу ќе се смири и дека ќе полетаме. Со претседателот Борис Трајковски патувавме кон Монтереј, Мексико, на глобална конференција на Обединетите нации.
Кога утрото на 26 февруари 2004 година ми јавија за кобната вест, прво што ми помина низ главата беа неговите зборови од аеродромот кај Далас: „Мислиш дека мене не ми е страв? Ама што да правам… Ама што да правам… Ама што да правам…“. Во тага и бес, во бесконечна низа ми одекнуваше гласот на претседателот. Ми одекнува и денеска, кога се молиме за неговата душа шест години по трагедијата.
Како новинар што го следеше мировниот процес во 2001 и потоа, а претседателот беше клучна фигура во тоа, имав можност одблизу да ги следам неговата работа и пристапот кон проблемите. Непосреден, каков што беше според природата на својот карактер, Трајковски не дозволуваше никому, па ни на новинарите да држат преголема дистанца. Невообичаено за политичар на толку висока функција, ги сослушуваше сите без нималку суета и ароганција. Тоа создаде блискост и доверба што ни дозволи и нам новинарите да ја запознаеме неговата личност и да понесеме безброј спомени за Борис Трајковски како претседател и како човек. Шест години тие спомени тлеат во мене. Сакајќи и јас да вградам парче во мозаикот за оваа неповторлива мисија во македонската историја, решив да споделам дел од тие сеќавања со вас.
„Дајте нешто да му однесам на мојот народ“
Иако многу патуваше надвор од земјава, Трајковски не се чувствуваше удобно во авионите. Особено не во владиниот „кингер“, со кој најчесто леташе и во кој го загуби животот. „Трајкооо, избегни ја калдрмата..!“, знаеше во шега да му се обрати на капетанот на „кингерот“, Кикерков, кога авионот ќе влезеше во турбулентна зона, обидувајќи се да ја пробие бучавата од моторите и да ја релаксира атмосферата во клаустрофобичното летало. Им аплаудираше на пилотите кога го слетуваа „кингерот“ во услови на силен ветар во Цирих или во густа магла во Скопје. Иако го затскриваше, се препознаваше неспокојство кај Трајковски кога леташе со владиното авионче.
По неколкучасовно чекање во Далас, невремето помина и заминавме за Монтереј. Пред патувањето, во Скопје, го прашав „што барате толку далеку претседателе, кога гласот на малите земји на вакви светски конференции е безначаен“. Ми одговори дека оди за да се види со Џорџ Буш.
Така и беше. Во три дена двапати разговараше со американскиот претседател. Сметаше дека Буш може да биде клучот за намалување на фрустрацијата кај Македонците по конфликтот во 2001 и по потпишувањето на рамковниот договор. „Дајте нешто да му однесам на мојот народ. Признајте ни го името, примете не’ во НАТО“, раскажуваше што му кажал на Буш, возбуден од средбата со шефот на најмоќната држава, во исто време негов личен пријател. „Ми одговори дека пред извесно време ги повикал советниците за да ги праша до каде сме со реформите за НАТО. Му рекле дека добро напредуваме, но дека ќе треба да го почекаме следниот круг проширување. За името ми рече дека ќе разговара со соработниците“, ни го пренесе Трајковски дијалогот со Буш, туткајќи го в раце ливчето со точките за разговор подготвени од неговиот советнички тим без што не тргнуваше на ниеден состанок. Особено беше горд што Буш му рекол: „Македонија е секогаш во моите молитви“.
Вербата во Бога ја правеше исклучително силна релацијата меѓу Борис и Џорџ. Двајцата методисти, изолирани во црквичка во Белата куќа, фатени рака за рака, се молеа заедно во мај 2001 година. Меѓусебно си велеа „брате“. Со „брате“ му се обраќаше и на американскиот државен секретар Колин Пауел во долгите, јавно необјавени телефонски разговори, во кои Трајковски објаснувал зошто САД треба да го признаат уставното име на земјава.
Иако беше политичар-натуршчик, Трајковски влечеше велемајсторски потези на големата шаховска табла на меѓународните односи. Неговите средби со рускиот претседател Владимир Путин траеја трипати подолго од времето определено со протоколот. Кинескиот претседател Џијанг Цемин приреди мала воена парада на Тјенанмен во чест на посветеноста на македонскиот претседател на политиката за една Кина. Но, кај Трајковски беше кристално јасно дека нашиот стратегиски партнер треба да бидат САД и дека во тие односи треба особено да се вложува.
Дома му откажуваа состаноци, го исмејуваа, го навредуваа кога предлагаше Македонија да испрати свои војници во Ирак уште во најраната фаза од воените операции предводени од САД. Тоа го правеа и неговите од ВМРО-ДПМНЕ и идеолошките ривали од СДСМ. А, тој им простуваше. Има ли поголема сатисфакција за исправноста на политиката на Трајковски од резултатите што таа ги донесе – признавање на уставното име од САД и безрезервна поддршка за влез на Македонија во НАТО.
Неразбран
„Претседателот Трајковски беше единствен по својата внатрешна етичка поделба на две половини: проповедник кој станал политичар. Најинтимните религиозни чувства од него бараа постојано да простува. Тоа е предност кога се исповедате во тишината на храмовите, но не е најсигурниот начин да преживеете во политиката“, пишува Стево Пендаровски во портрет за претседателот, кому му беше советник, објавен во меѓународниот печат.
Трајковски идеолошки и’ припаѓаше на десницата, стана шеф на државата како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, сакаше да биде претседател на сите граѓани, а остана сам. По толку многу омаловажувања додека беше жив, лицемерство е блага квалификација за да се опише вулгарниот обид од повеќемина сега да се дограбат до политичкото наследство на претседателот. Тоа е само негово. Најчесниот однос кон тоа дело е да признаеме дека Трајковски и неговата политика тогаш останаа неразбрани од многумина.
„Како и секоја грешна душа на земјата и тој не беше имун на обичните човечки слабости. Имаше серија погрешни политички процени, особено за луѓето од неговото опкружување. Да беше жив, сите овие работи ќе му ги кажев в лице, зашто тој го почитуваше токму таквиот пристап. Но, во негово отсуство, палам свеќа на неговиот вечен дом враќајќи ја во мислите неговата последна порака до народот, кажана само ден пред трагедијата: Евроатлантските перспективи не се работа што може да ја заврши само еден претседател или само една влада, во еден мандат“, пишува Пендаровски.
Цитираната изјава е од 25 февруари 2004 година, од потпишувањето на апликацијата за членство на Република Македонија во Европската Унија како круна на политичката кариера на Трајковски. Ако со неколку збора треба да се резимира таа животна врвица, тоа најдобро го прави самиот тој, во писмото што еден месец пред смртта му го праќа на вселенскиот патријарх Вартоломеј:
„Да проповедаме против екстремните опции што им прават штета на сите, зашто таму каде што едниот е доминантен, таму нема место за другите. Вие знаете дека не само на небото, туку и на земјата има доволно место за сите луѓе, независно во кој Господ веруваат“.