Третина од активните случаи се лица што примиле две дози, објави државната новинска агенција. Другите или ја примиле само првата доза или не биле вакцинирани
Сејшелските Острови, каде што се целосно вакцинирани повеќе од 60 проценти од жителите, повторно воведуваат епидемиолошки мерки поради зголемен број заразени со коронавирусот.
Островската земја со речиси 100 000 жители забележа 1 068 нови случаи на 3 мај во споредба со 612 на 28 април, според податоците на Министерството за здравство.
Третина од активните случаи се лица што примиле две дози, објави државната новинска агенција. Другите или ја примиле само првата доза или не биле вакцинирани.
Училиштата се затворени, а спортските настани се откажани на две недели. Баровите, рестораните и продавниците работат со скратено работно време, а јавните собири се забранети.
„И покрај сите напори што ги вложуваме, состојбата со коронавирусот во нашата земја во моментов е критична“,
рече вчера на прес-конференција министерот за здравство Пеги Видо.
Сејшелските Острови, чиј најголем приход доаѓа од туризмот, започнаа со вакцинирање на населението во јануари со кинески вакцини. Вакцините им ги отстапија Обединетите Арапски Емирати.
До 12 април, 59 отсто од дадените дози биле вакцини на „Синофарм“, а останатите биле „Ковишилд“, верзија на „Астра Зенека“ направена под лиценца во Индија.
До денес, 62,2 отсто од жителите на земјата се целосно вакцинирани, според податоците на „Блумберг“.
„Од новозаразените, 84 отсто се жители на Сејшелите, а другите се странци. Нешто помалку од две третини од нив се невакцинирани или примиле само една доза, а другите примиле две дози“,
изјави Даниел Луси, клинички професор по медицина на Медицинскиот факултет „Дартмут Гејзел“ за „Економик тајмс“.
Варијантата B.1.351, која првпат е идентификувана во Јужна Африка кон крајот на минатата година, беше откриена на Сејшелите во февруари. Вакцината „Астра Зенека“ е помалку ефикасна против таа варијанта, се заклучува во една студија, а Јужна Африка ја запре употребата на оваа вакцина.