Свечената изјава денеска во просториите на Судскиот совет ја дадоа и ја потпишаа седумте новоизбрани претседатели на основни судови во државата и тоа – Основниот граѓански суд Скопје, Основниот суд Битола, Основниот суд Неготино, Основниот суд Кичево, Основниот суд Крива Паланка, Основниот суд Прилеп и Основниот суд Штип
Изјавувам и се колнам дека функцијата претседател на основниот суд ќе ја вршам законито, чесно, совесно, независно и одговорно. Ќе ги почитувам Уставот на Република Северна Македонија, законите и меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот и дека ќе ги заштитувам слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Ова е свечената изјава што денеска во просториите на Судскиот совет ја дадоа и ја потпишаа седумте новоизбрани претседатели на основни судови во државата.
На чесно и одговорно раководење се заколнаа судијата Бесник Авдија кој е избран за претседател на Основниот граѓански суд Скопје, претседателката на Основниот суд Битола, Татјана Петровска, Билјана Толова од Основниот суд Неготино, Флутурије Дервиши од Основниот суд Кичево, претседателот на Основниот суд Крива Паланка, Орце Јанковски, претседателката на Основниот суд Прилеп, Јасмина Шишковска и Ацо Тасев од Основниот суд Штип.
Судиите Јасмина Шишковска, Флутурије Дервиши и Бесник Авдија претходно ја извршуваа функцијата в.д. претседатели на конкретните судови.
По потпишувањето на свечените изјави, претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, им посака среќа и успех на новоизбраните претседатели на судовите порачувајќи дека мора да бидат одговорни во судовите каде што се избрани. Како важно Георгиев го истакна засилувањето на соработката помеѓу судовите и Судскиот совет, но и зголемената соработката со медиумите.