Утрoво, во очи Нова година, почна сечата на дрвја на парцелата на Водно, каде има правосилна дозвола за изградба на куќа. Станува збор за земјиште на фирмата „Маркеза“, која неделава го огради стрмниот и пошумен дел, веднаш над последните куќи на улицата „Питу Гули“.
„Вчера бевме цел ден на улица и цел ден не се осудија да ја почнат сечата. Денеска, на 31 декември го прават тоа, а кога ќе пријдеме да фотографираме или снимаме, работниците бегаат од нас. Им останаа уште два големи бора да исечат“,
вели за „360 степени“ Леана Таќи, жителка на улицата „Питу Гули“.


Нема одговор од Град Скопје на прашањето на „360 степени“ дали и кога е дадено одобрение за сеча на шумата.
Сечата на Водно следува неполни 24 часа по седницата на Општина Центар, на која советниците одлучија Општината во име на граѓаните да побара Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво да направи вонреден надзор за целиот детален урбанистички план Ј07, донесен во 2014 г. со спорно мнозинство и со низа контрадикторности.
Покрај дозволата за градба на „Маркеза“, која ја потпишал поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ, во процедура во Општината се барања за одобрување на идеен проект и за одобрување на урбанистички проекти и за соседната парцела.
Претходно, актуелниот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за „360 степени“ кажа дека бараат правни механизми како да ги спречат градбите на Водно.
„Во овој дел каде е дадена дозвола и таа е правосилна, ќе разгледаме начини како тоа да продолжи понатаму. Ама може утре сопственикот да си го затвори, приватно земјиште е. Има добиено дозвола и правосилност. За самата таа парцела ќе поразговараме на една поголема средба со жителите и со инвеститорот. А, за другите понатаму, ќе се борам и ќе дадам се од себе тоа да не продолжи“,
рече Герасимовски.