Ова се дел од ветувањата што претставниците на иницијативата „Стоп за Вардариште“ ги добиле за време на вчерашната средба со претставници на Град Скопје, на која разговарале за неодамнешните палења на депонијата
Околу депонијата во Вардариште од денеска се воведува 24-часовна патрола од страна на дежурни инспектори, ќе бидат поставени дополнителни камери за видеонадзор, а во наредните недели се очекува да биде преселено и згрижено ранливото население кое престојува околу дивата депонија.

Ова се дел од ветувањата што претставниците на иницијативата „Стоп за Вардариште“ ги добиле за време на вчерашната средба со претставници на Град Скопје, на која разговарале за неодамнешните палења на депонијата.
„Напоменавме дека се потребни континуирани превентивни мерки од институциите, a не само реакција по инцидент. Истакнавме и дека не се исклучува можноста за нови блокади доколку продолжат ваквите настани, имајќи го предвид револтот по последните палења“,
соопштија од иницијативата „Стоп за Вардариште“.
Меѓу ветувањата што претставниците на „Стоп за Вардариште“ ги добиле од градските власти се и дека по 1 мај ќе бидат блокирани приодите до депонијата и ќе засили теренскиот надзор од страна на инспекторите. Во близина на ЈП „Лајка“ ќе биде поставена и заштитна ограда како дополнителна мерка за спречување на влез во Вардариште.
Во однос на одгасувањето на депонијата во Вардариште, што неодамна го најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, на претставниците на иницијативата на вчерашната средба им било кажано дека се ископани два бунари од кои се земени мостри и се испратени на анализа во акредитираната лабораторија на Универзитетот „Гоце Делчев“, по што резултатите ќе бидат објавени јавно.
„Почетокот на одгасувањето се очекува најдоцна до август, а можно е и порано. Според техничкото решение, ќе се изведат 22 бунари со прецизни координати за мерење на количината на гас – како почетна, истражувачка фаза. Одлуката за втора фаза ќе зависи од резултатите – доколку има доволно гас, ќе се постави соодветна централа за негово искористување“,
посочија од „Стоп за Вардариште“.
На претставниците на иницијативата им била ветена и редовна комуникација со надлежните од Град Скопје и информирање за сите чекори од процесот. Дополнително, како што наведоа, на нивна иницијатива повторно е активиран бројот за пријавување до дежурниот инспекторат (072 898 898), кој подолг период не беше во функција.
