Пред нас е период во кој сите мора да бидат максимално внимателни, предупредуваат здравствените власти
Училиштата и учениците да ги почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести и одлуката на владината комисија за начинот на одржување на наставата. Со ваков апел се огласи и денеска Министерството за здравство, по зголемувањето на бројот на случаи на ковид-19 во земјава, што се случува на самиот старт на новата учебна година.
„Препораките на Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на почетокот на наставно-образовниот процес во оваа учебна година се темелат на анализи на актуелната епидемиолошка состојба и проекциите за можно влошување на состојбата со почетокот на есента. Најавите за бојкот на онлајн наставата и непочитување на протоколите е недозволиво и го отежнуваат целокупниот процес на справување со корона кризата“,
се посочува во апелот на МЗ.
Оттаму велат дека сите одлуки кои ги носи Комисијата се во интерес на заштита на здравјето на учениците, наставниците и родителите. Доследното почитување на мерките и протоколите во сите сфери, вклучително и образованието, може да придонесе состојбата со епидемијата што поскоро да се стабилизира.
„Стабилна епидемиолошка состојба ќе овозможи да се зголеми бројката на деца кои би ја следеле наставата со физичко присуство. Апелираме на максимална сериозност и соработка од сите граѓани. Пред нас е период во кој сите мора да бидат максимално внимателни“,
велат од МЗ.
Вчерашниот биланс од тестирањата на ковид-19 го вклучи на посилно алармот, откако повторно, по неколку месеци се регистрирани над 200 позитивни случаи и уште шест смртни случаи.
Министерот Венко Филипче, по состанокотсо Комисијата за заразни болести, вчера најави нови мерки за стабилизирање на епидемиолошката ситуација.
По состанокот со Комисијата, Филипче замина за Кочани, кое станува ново жариште на ковид-19 во земјава.