Од Обвинителството потврдија дека станува збор за осудено лице за друго кривично дело кое било во бегство од КПУ Затвор – Скопје по што врз основа на издадената потерница и по консултација со јавен обвинител, тој денеска е вратен во затворот со максимални мерки за обезбедување
Како што објавивме денеска, бегалец од затвор е и првоосомничениот за убиството кај „Мавровка“, против кого Обвинителството веќе отвори истрага и го гони за кривичните дела убиство, обид за убиство и недозволено и недозволено поседување оружје. Нему на предлог на јавниот обвинител Судот му одреди мерка притвор од 30 дена
Основното јавно обвинителство Скопје попладнево и официјално информира дека вчера е приведено уште едно лице за кое постои сомнение дека било инволвирано во убиството на Васил Е. што се случи завчера на паркинг-просторот зад трговскиот центар „Мавровка“.
Инаку, како што потврдија за „360 степени“ од МВР, лицето по кое полицијата трагаше речиси два дена вчеравечер самото се пријавило во полициската станица „Пролет“.
Од Обвинителството велат дека во тек се вештачења на материјалните докази кои треба да утврдат дали ова лице било вмешано во случајот.
„Основното јавно обвинителство Скопје е известено од Министерството за внатрешни работи дека во текот на вчерашниот ден е лишено од слобода едно лице за кое постои сомнение дека било инволвирано во кривично-правниот настан – убиство кај трговскиот центар ‘Мавровка’. Во тек се вештачењата на материјалните докази со кои се утврдува основаноста на сомненијата за вклученост на ова лице во настанот“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Оттаму информираат и за уште еден момент, а за кој денеска пишуваше „360 степени“, дека ова лице, чии иницијали според МВР се А.К., е осудено лице кое побегнало од затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари, каде што денеска е вратено со максимални мерки за обезбедување.
„Со оглед на тоа што приведениот е осудено лице за друго кривично дело и бил во бегство од КПУ Затвор – Скопје врз основа на издадената потерница и по консултација со јавен обвинител, тој денеска е вратен во затворот со максимални мерки за обезбедување“,
велат од Јавното обвинителство.
Како што објавивме денеска, бегалец од затвор е и првоосомничениот за убиството кај „Мавровка“, против кого Обвинителството веќе отвори истрага и го гони за кривичните дела убиство, обид за убиство и недозволено и недозволено поседување оружје. Нему на предлог на јавниот обвинител Судот му одреди мерка притвор од 30 дена.
Првоосомничениот за убиството на Васил Е., 39-годишниот Е.К., од затворот „Идризово“ побегнал на 15 април годинава, додека А.К., кој вчера сам ѝ се предаде на полицијата, како што информираат од МВР, престојувал во затворот „Скопје“ во Шутот Оризари, а оттаму избегал пред точно еден месец, на 22 јули.
Според описот на дејствијата од грозоморното убиство на паркинг-просторот зад трговскиот центар „Мавровка“, што вчера преку писмено соопштение ги сподели Основното јавно обвинителство Скопје, по убиството на Васил Е. за кое е осомничен 39-годишниот Е. К., на местото пристигнало возило „ситроен“ со белгиски регистарски ознаки во кое било непознато лице, кое од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и се оддалечило.
Автомобилот „ситроен“ тој го оставил во населбата Гази Баба и се качил во автомобилот „ауди“, по што заедно со првоосомничениот продолжиле да се движат кога на улицата „Стојна Стефкова“ во населбата Чаир биле пресретнати од полицијата.
„Додека другото лице управувало, сега осомничениот (Е.К.) излегол од совозачката врата и пукал обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат. Четворицата полициски службеници во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот. Другото лице се дало во бегство и по него се трага“,
соопштија вчера од Обвинителството.
Инаку, за убиството кај „Мавровка“ во вторникот беше уапсено уште едно лице, но, како што информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера тоа е пуштено на слобода бидејќи досега не е утврдена негова поврзаност со настанот.
Убиството се случи завчера (20 август) на паркингот меѓу станбените згради и трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. „360 степени“ објави дека жртвата е лицето Васил Е. Тој е роден 1965 година, живеел и работел во Скопје, а по потекло е од Струмица.