Во модуларната болница кај Инфективната клиника во Скопје сè уште не е примен пациент, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој вели ека со оглед на динамиката на пациенти кои бараат болничко сместување, очекувано е денеска да се примат првите пациенти.
„Практично цела ноќ правевме координација, консултација со колегите. Се најде доволен број на лекари – специјалисти, интернисти, како од Клиниката за Пулмологија, така и од болницата 8 Септември, каде не сакаме дополнително да го оптеретиме капацитетот за да не запрат со работа другите одделенија. Како лекари – специјалисти, така и медицински сестри од сите овие институции, веќе се на располагање, физички се во модуларната болница. Сè уште нема сместено пациент, меѓутоа со оглед на динамиката со која се јавуваат пациенти за прием во болница мислам дека во текот на денот ќе бидат примени првите пациенти. Има сосема доволна количина и на опрема и на потрошни материјали, така да тој капацитет од 72 кревети од денеска натаму е на располагање“,
вели Филипче.
Во моментов сликата на терен покажува дека во модуларната болница е раздвижено. Хигиеничарки и друг персонал се во монтажниот објект.

Модуларната болница е ставена во функција за прием на пациенти од вчера попладне, откако се наполнија болничките кревети на Инфективна. Сместувањето ќе зависи од тоа колкав ќе биде дневниот прием и отпуст на пациенти во Инфективна.
Филипче и денеска повтори дека здравствениот персонал е подготвен, но апелира граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19.
„Искрено верувам дека со почитување на мерките епидемијата може да се стави под контрола. Впрочем има докази во земји дека то е така. Задолжителното носење на маски на отворено, кое ќе го препорачаме на следната владина седница, заедно со ограничување на групирањето, мислам дека ќе даде резултати. Имаме сосема доволен број на капацитети, еве сега постепено ги отвораме, имаме и други во резерва, така да тоа е нешто што апсолутно може и ќе се изменаџира“,
вели Филипче.
