Во периодот од јануари до декември годинава се забележува зголемен број на лиценцирани даватели на поштенски услуги кои престанале да работат во овој период, односно вкупно осум, информираат за МИА од Агенцијата за пошти (АП), на чија веб-страница изминатиот период има чести објави дека одредени оператори повеќе не се даватели на услуги. Прогнозите на регулаторот се дека на почетокот на следната година ќе престанат да функционираат уште неколку
Намалената економска активност на стопанството во целина, како и зголемените трошоци за енергенси кои влијаат на цените на поштенските услуги, се причините за падот на побарувачката за услуги за пакети и писма поради што осум лиценцирани даватели на поштенски услуги престанале да работат на поштенскиот пазар од почетокот на годинава.
Прогнозите на регулаторот се дека на почетокот на следната година ќе престанат да функционираат уште неколку.
Во периодот од јануари до декември годинава се забележува зголемен број на лиценцирани даватели на поштенски услуги кои престанале да работат во овој период, односно вкупно осум, информираат за МИА од Агенцијата за пошти (АП), на чија веб-страница изминатиот период има чести објави дека одредени оператори повеќе не се даватели на услуги.
„Познавајќи ја состојбата на пазарот, од оваа перспектива, можеме да прогнозираме дека на почетокот на 2023 година ќе престанат да работат уште неколку даватели на поштенски услуги, кај кои веќе е забележана намалена активност во изминатиов период, согласно извештаите за обезбедување на поштенски услуги, кои имаат законска обврска да ги доставуваат до Агенцијата“,
вели за МИА директорката на АП, Билјана Аврамовска-Ѓоревска.
Анализата на Агенцијата покажале, посочува Аврамовска-Ѓоревска, дека постојната конкуренција во поштенскиот сектор е соочена со реална опасност од пад на обемот годинава поради намалената економска активност на стопанството, воопшто, како и поради зголемените трошоци за енергенси во структурата на цените на поштенските услуги.
„И оттаму е сосема разбирливо да има и намалена побарувачка за услуги за пакети и писма“,
вели таа.
Тоа, според директорката на АП, најпрво ги засегнува микрокомпаниите од поштенскиот сектор, кои се со ограничен капацитет да се борат на пазарот заради минималните инвестирања во сопствените мрежи.
„Во услови на исклучително високо ниво на конкуренција барањата и потребите на корисниците на поштенски услуги се покомплексни и нивното услужување бара интегриран и стандардизиран процес на манипулација со поштенските пратки, но и унапредување на стандардите и усогласување на деловните процеси со дигиталната ера. Поради тоа и за жал тие најчесто пропаѓаат“,
вели Аврамовска-Ѓоревска.
Постапката за издавање општо овластување за обезбедување поштенски услуги останува иста и е регулирана во Законот за поштенските услуги, Правилникот за содржината и формата на нотификацијата и потребната документација која се доставува со нотификацијата и Правилникот за задолжителните елементи на општите услови за обезбедување поштенски услуги.
„Доколку има потреба од унапредување на регулативните мерки и практики согласно новите пазарни трендови, коишто ги следиме, се разбира дека би можело да се очекува и промена во регулативата“,
наведува директорката на АП.
Состојбата со лиценцирани даватели на поштенски услуги заклучно со средината на месецов покажува дека на поштенскиот пазар работат 37 фирми со Општо овластување за обезбедување поштенски услуги, односно вкупно 38 заедно со АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје, како носител на Индивидуална дозвола за обезбедување на универзална услуга. На крајот на третиот квартал од годинава, нивниот број изнесуваше 44, а 46 на крајот на истиот квартал лани.
На крајот на октомври годинава повторно беше вратен ценовниот монопол за услугите за писма до 50 грама во корист на давателот на универзалната услуга АД „Пошта на Северна Македонија“, која за услугата има регулирана цена од 25 денари по писмо, одобрена од регулаторот. Лиценцираните даватели на поштенски услуги за истата поштенска услуга од 26 октомври не смеат да наплаќаат единична цена пониска од 62,5 денари, според цените кои се во примена од 1 март 2020 година, односно, можат да ги обезбедуваат услугите од опфатот на резервираните услуги по цена која е два и пол пати повисока од цената по која давателот на универзална услуга ги обезбедува пратките за кореспонденција од стандардна категорија во првата тежинска стапка.
Во националната „Пошта“ во октомври се одржа предупредувачки протест поради доцнење на исплатата на платата за претходниот месец, а по договорот што го постигнаа синдикатите со Управниот одбор на претпријатието и Министерството за транспорт и врски, сите државни институции добија задолжение да ги користат услугите на АД „Пошта“, согласно со измените во Законот за поштенски услуги. Таков договор АД „Пошти“ досега има потпишано само со АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ).
Во третиот квартал годинава до Агенцијата за пошти се доставени девет претставки од корисници на поштенски услуги. Пет се од физички лица, а четири од правни лица. Седум претставки се однесуваат на услугите на давателите на поштенски услуги, а две на услугите на АД „Пошта“.