„Планираме да ги избегнеме сите можности за какво било влијание и првпат во нашата држава да имаме чесен, професионален начин кој навистина ќе ја реши корупцијата на граничната линија бидејќи мислам дека таа во овој момент е најголемата закана по нашата држава“, изјави денеска националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров на прес-конференција во Владата
Борбата со корупцијата на граничната линија, односно на граничните премини во иднина е можно да се води со воведување полиграфско тестирање на службениците во органите за гранична контрола. Ова е проектот што Националниот совет за спроведување на националната стратегија за гранично интегрирано управување го предложил до Владата, а веќе од наредната недела треба да започне јавната дебата во врска со предложените решенија. Доколку бидат поддржани, следниот чекор е да бидат преточени во законски предлози.

За активностите и за проектот за полиграфско тестирање, денеска на прес-конференција во Владата информираше националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров.
Во моментов, вели тој, се размислува на повеќе теми поврзани со полиграфското тестирање, а една од нив е под чија капа да биде институцијата која би ги спроведувала ваквите контроли. Размислувањата се таа да биде под директна надлежност на Собранието за да се избегнат политички и други влијанија.
„Значи, пред сè, размислуваме дали овие полиграфисти би биле под капата на институции каде што сега се вработени и цениме дека тоа решение не би било добро затоа што е можно политички или било какво влијание од нивните претпоставени. Затоа ќе предложиме оваа новоформирана институција да биде под капата на Собранието за да не може никој да изврши влијание врз ваквите лица“,
рече Пивоваров.
Се предвидува и полиграфистот на одреден временски период да биде ставен на полиграф за да се види ефектот од спроведувањето на мерката.
„Во кратки црти, планираме да ги избегнеме сите можности за какво било влијание и првпат во нашата држава да имаме чесен, професионален начин кој навистина ќе ја реши корупцијата на граничната линија, бидејќи мислам дека таа во овој момент е најголемата закана по нашата држава“,
рече националниот координатор за гранично управување.
Доколку некој службеник не го помине полиграфот, појасни Пивоваров, тој веднаш ќе биде отстранет од работното место, а натамошната истрага ја презема јавен обвинител.
„По логика и по добрите европски практики тоа лице веднаш се отстранува од тоа работно место. Сето известување од моментот на ваквиот настан доаѓа во рацете на јавниот обвинител, кој е доминус литис во водење истрага, спроведување истрага до крај за секое лице кое нема да го помине полиграфот“,
вели Пивоваров.
Првата предвидена легислатива измена е таа на Законот за гранична полиција, која предвидува националниот координатор за гранично управување да биде првиот кој ќе биде ставен на полиграфско тестирање.
„Верувајте дека перцепцијата за корупција на граничните премини е многу голема. Во таква ситуација и сите лица кои ќе седнат на полиграф ќе пратат јасен сигнал дека тие се чесни, можеби ќе бидат и нечесни, меѓутоа ќе имаме докази дека нешто се случило или не се случило“,
рече Пивоваров.

Претходно говорејќи за корупцијата, тој рече дека од економски аспект проценките покажуваат дека најголема закана доаѓа од граничната линија, од каде што како што почнува сивата економија.
„Ако 36 проценти, како што вели Светска банка е сивата економија во нашиот бруто домашен производ тоа значи дека станува збор за сума од пет милијарди евра. Ако тие пари би биле оданочени, односно ако немаме сива економија нашиот буџет ќе биде со стотици милиони, а можеби и милијарда евра на годишно ниво пополн. Од тоа ќе зависи натамошното опстојување на државата, односно сите сфери, сите сегменти ќе бидат поприфатливи за живеење во нашата држава“,
вели националниот координатор за гранично управување.
Корупцијата на граничните премини, посочи тој, е закана и за националната безбедност.
„Доколку на граница имате само еден корумпиран граничен полицаец или цариник, доколку таквите лица за одредена сума на поткуп пропуштат шлепер со оружје, шлепер со дрога, автобус со терористи, во таква ситуација во секој поглед и нашата национална безбедност, на земјите од опкружувањето и на европските земји ќе биде загрозена“,
вели Пивоваров.
За да се увидат сите аспекти и подготвеноста на државата и институциите за спроведување на проектот за справување со корупцијата на границата, Национален совет за гранично управување ќе спроведе јавни дебати со инволвирани и засегнати субјекти од сите општествени сфери.
Веќе наредната недела ќе се одржи дебата со научната фела, со експерти и професори по правни науки, по што ќе следуваат средби со автобуски превозници и претставници на Стопанската комора, потоа со невладиниот сектор и со фактори од меѓународната заедница, а завршната средба ќе биде со претставници на политичките партии.
Што се однесува на казнивоста на субјектите вмешани во коруптивни активности, Пивоваров нагласи дека долгите и лошо водени истраги, како и судските постапки со изречени условни казни за корумпираните службеници, негативно влијаат врз борбата против корупцијата.