Свети Климент е патрон на МПЦ-ОА и на Охрид
Во земјава денеска со низа настани се одбележува 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски. Пред споменикот на Св. Климент Охридски во Скопје, повеќе делегации ќе положат цвеќе, а во Собранието ќе биде врачена државната награда „Св. Климент Охридски“.
Во областа на образованието, државната награда ќе и биде доделена на универзитетската професорка Ѓулумсер Касапи, а добитници во областа на културата и уметноста се писателот Јован Павловски, музичкиот уметник Снежана Анастасова-Чадиковска и академската сликарка – костимограф Елена Дончева.
Во Охрид чиј патрон е Св. Климент Охридски празнувањата почнаа од синоќа и продолжуваат и денеска со поклонувањепред моштите на Свети Климент Охридски во црквата „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, а цвеќе ќе биде положено и пред споменикот во дворот на училиштето што го носи неговото име. Цвеќе ќе биде положено и пред споменикот на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад, при што ќе бидат врачени и наградите на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод патронот на градот.
Св. Климент Охридски, исто така е патрон и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Утринава ќе се одржи Света божествена литургија со која ќе чиноначалствува митрополитот повардарски г. Агатангел, во сослужение со митрополитот тетовско-гостиварски, г. Јосиф и епископот антаниски, г. Партениј и бројни свештенослужители на МПЦ-ОА.
Денешниот ден е прогласен за неработен.