Се прават проекции и за нови болнички капацитети како подготовка за есенските месеци кога може да се соочиме и со друга патологија од сезонскиот грип, рече министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со здруженијата на лица со ретки болести.
Тој додаде дека сега има доволно болнички капацитети во врска со лекувањето и третманот поврзани со коронавирусот.
„Има неколку слободни кревети на инфективната клиника, од 110 вкупно 90 се денеска полни. Целосно е празна модуларната болница каде утре завршува монтажата на централен систем за довод на гасови, што значи дополнителни 70 кревети каде што ќе работи кадар од Институтот за туберкулоза со оглед на искуството на овие лекари и сестри коешто го имаат во третманот на белодробната патологија. Триесетина проценти е исполнет капацитетот на болницата Козле. Има доволен број на слободни кревети во болницата „8 септември“, каде работиме на системот на ротација на кадар. Полуисполнет капацитет има во сите болнички капацитети ширум државата, освен во Охрид и Битола каде што има неколку слободни кревети“,
рече Филипче.
Тој додаде дека трендовите изминатите неколку денови покажуваат дека се намалува бројот на приеми, во споредба со пред десетина дена кога имаше поголем број на пациенти коишто доаѓаа во болница, а немаше пациенти коишто се испишуваа. Како пример ја наведе Клиниката за инфективни болести каде што вчерашниот ден бележи поголем број на испишани од примени пациенти.
„Сепак, ги подготвуваме болничките капацитети како во однос на патеки за соодветен третман, ако даваат и друга здравствена услуга, и правиме проекција и за нови капацитети не само за сега, туку и за есенските месеци кога е можно да се соочиме со уште поголем притисок и со друга патологија од сезонскиот грип“,
изјави Филипче.
Во однос на болницата „8 Септември“ за ротациите на медицинскиот персонал со цел да се одморат, Филипче рече дека во изминатите неколку недели тројца анестезиолози се префрлија од приватните болници во болницата „8 Септември“ и се одлична помош за осумте анестезиолози коишто веќе работат таму.
„Денес ќе имаме состанок со анестезиолозите од КАРИЛ за да се направи замена, ротација на овие луѓе коишто работат во одделот за интензивна нега“,
додаде тој.
Деновиве, најави министерот, ќе биде пуштен и системот за закажување на Мој термин за оние клиники и одделенија каде што лекарите, односно анестезиолозите не ротираат на другите клиники.