Коментарот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар следува откако претходно грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во интервју за грчко радио го предупреди на многу непријатна позиција на самитот на НАТО ако Мицкоски и од позиција на премиер инсистира на истата реторика околу името на државата
Не само на самитот на НАТО, со факти и аргументи, како што правам целиот мој живот, сум подготвен да разговарам и во Атина, и во Скопје, во Брисел и секаде. Ова е одговорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар, Христијан Мицкоски, на пораката што ја испрати грчкиот премиер Киријакос Мицотакис со која предупреди на „многу непријатна позиција“ на НАТО-самитот ако Мицкоски како премиер инсистира на истата реторика за името.

„Се подготвувам јас. Јас сум човек којшто се подготвува и сака предизвици и би сакал и да го видам и тој предизвик. Мојата позиција е јасна и тука не треба никој да има дилема. Доколку постојат во Европа, а не верувам дека постојат, европски политичари коишто се претставуваат како современи, модерни, политичари на 21. век, а, сепак, имаат во себе талибански мотиви, па сакаат да го загрозат човековото право коешто е заштитено со многу меѓународни конвенции, тогаш јас сум подготвен со тие луѓе да аргументирам и да дебатирам и тука не треба да имаме никаква дилема“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Коментирајќи го излагањето на грчкиот премиер, Мицкоски рече дека сè додека постојат двојни стандарди и манипулации и држење до Копенхашките критериуми ќе се случуваат вакви, како што оцени, анахрони изјави, талибански методи и враќање во средниот век наместо фокусирање на иднината.
„Ако ги слушавме тие пораки, веќе требаше да отпочне ратификацијата на протоколот за влез на Македонија во рамки на Европската Унија бидејќи се сеќавам, дел од политичарите кои се сега гласни за Преспанскиот договор седеа пред мене пред шест години и ми велеа ‘само уште ова, Христијан, нека помине, и за пет-шест години вие сте дел од ЕУ’. Би сакал истите тие да ги погледнам во очи и да им кажам сега јас што имам да им кажам бидејќи им кажував, и сега истото ќе им го кажам, дека се нечесни, дека даваат лажни изјави и дека го манипулираат овој мал, но драг, скапоцен народ во срцето на Балканот“,
додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Коментарот на мандатарот Мицкоски следува откако претходно грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во интервју за грчко радио го предупреди на многу непријатна позиција на самитот на НАТО ако и од позиција на премиер инсистира на истата реторика околу името на државата. Предупреди дека Скопје не може да си игра со Атина околу ова прашање, за кое рече дека ќе го покрене на самитот на НАТО.
„Скопје влезе во НАТО токму преку Преспанскиот договор, кој има свои проблеми, но обезбеди едно име за сите и ако ова се оспори, тогаш Северна Македонија да знае дека ќе има големи проблеми, не само во нејзините билатерални односи со Грција, туку и во нејзините односи и во НАТО и со Европската Унија кон која има амбиција во некој момент да стане членка“,
изјави Мицотакис во интервјуто за радиото „Реал фм“ за ставот на Мицкоски околу употребата на името Македонија.
Во интервјуто за ТВ Сител од пред неколку дена, Мицкоски изјави дека заклетвата како нов премиер ќе ја даде со уставното име на државата, а целосното име ќе го користи и во своите настапи во странство бидејќи, како што рече, не може од граѓаните да се бара да ги почитуваат Уставот и законите, а функционерите да не го прават тоа.