Во тек се активности за наоѓање најсоодветни унифицирани решенија за одвивањето на авионскиот превоз на патници
„ТАВ Македонија“ се подготвува за отворање на аеродромите во државава, во исчекување на точен датум и одлука од надлежните институции кои, пак, се во координација со меѓународните воздухопловни власти каде што се во тек активности за наоѓање најсоодветни унифицирани решенија за одвивањето на авионскиот превоз на патници. Официјална информација од Владата и надлежните воздухопловни тела чекаат и авиокомпаниите за да можат да ги потврдат нивните планирани рути од Скопје и од Охрид.
Дестинациите и фреквенцијата на летови годинава ќе зависат и од внатрешната организација и одлуките на авиокомпаниите бидејќи и тие, како дел од авиобизнисот, се значително погодени од кризата со вирусот ковид-19. И по повторното отворање на аеродромите, авиосообраќајот ќе биде значително намален во однос на нивоата од претходните години, бидејќи се проценува дека луѓето ќе се плашат да патуваат со авион, поради можното повторно ширење на болеста. Со оглед на рецесијата која се очекува, што ќе влијае на стандардот, ќе треба повеќе време авијацискиот пазар да се врати на некое од претходните нивоа на подем. Само во март, по затворањето на двата аеродрома, концесионерот регистрира намалување на патниците за 55 проценти, во споредба со март лани.
„Се подготвуваме за реотворањето на двата аеродрома, Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ и Аеродромот ‘Св. Апостол Павле’ во Охрид, и покрај тоа што во овој момент сè уште не го знаеме точниот датум бидејќи чекаме официјална информација од Владата. Вонредната состојба трае до 16 мај, но во овој момент не знаеме дали и границите и аеродромите ќе бидат отворени веднаш после овој период. Ние сме подготвени и се надеваме на поскоро почнување со работа. Веднаш штом добиеме официјална информација, ќе ја информираме јавноста, патниците, споделувајќи ги сите важни информации со нив, во врска со идните патувања“,
изјави за МИА Алпер Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Ерсој вели дека „ТАВ Македонија“ ги следи меѓународните искуства, препораки и упатства за враќањето на аеродромските операции по ковид-19, како и националните прописи во цивилното воздухопловство и оти ќе ги имплементира во делот на своите надлежности.
„Согласно со моменталните мерки на аеродромите кои сè уште се отворени и дискусиите на експертите – хигиенските мерки кои веќе ги применуваме ќе бидат интензивирани, а мерки на социјално дистанцирање ќе бидат имплементирани во текот на целиот процес на патување на еден патник“,
вели Ерсој.
Од Агенцијата за цивилно воздухопловство за МИА велат дека редовно ги информираат и ги советуваат нашите национални институции за меѓународните стандарди и препорачани практики во областа на воздухопловните политики и на тој начин помагаат во донесување навремени и ефикасни мерки.
„АЦВ ги следи сите стандарди, препораки и позитивни практики што доаѓаат од релевантните меѓународни воздухопловни организации, како што се Eurocontrol, ICAO, ECAC и ЕАЅА. Заедно со Министерството за транспорт и врски, АЦВ редовно учествува на сите видеоконференциски и телеконференциски состаноци што ги организираат овие организации, каде што претставниците на воздухопловните власти од сите европски држави се обидуваат да изнајдат најсоодветни унифицирани решенија. АЦВ редовно ги информира и ги советува нашите национални институции за меѓународните стандарди и препорачани практики во сферата на воздухопловните политики и на тој начин помага во донесувањето на навремени и ефикасни мерки“,
изјави за МИА Томислав Тунтев, директор на АЦВ.
Со одлука на Владата, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, од 15 март на полноќ е затворен аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а од 18 март на полноќ и Меѓународниот аеродром „Скопје“.
