Клиниката за психијатрија започнува со телефонска психолошка поддршка на граѓани и ранливи групи поради коронавирусот, рече министерот Венко Филипче.
Телефонските линии ќе бидат наменети за поддршка на родители на деца на предучилишна и училишна возраст, на возрасни лица во самоизолација и на граѓаните во Дебар и Центар Жупа.
Од Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје соопштија дека телефонската психолошка поддршка почнува од утре, во периодот од девет до 16 часот. Психолошка поддршка за родители на деца на предучилишна и училишна возраст ќе биде достапна на телефонскиот број 072 912 676, за возрасни лица во самоизолација на телефонот 072 919 009, а за граѓаните на Дебар и на Центар Жупа, на бројот 070 241 807.
Од Универзитетската клиника за психијатрија истакнуваат дека пациентите закажани во „Мој термин“ за психолошко советување и психотерапија во закажаниот термин ќе бидат контактирани од страна на психолог и ќе се спроведуваат телефонски, со можност за видео врска на некоја од интернет мрежите (по договор).
Психолошка поддршка на хоспитализирани пациенти поради Ковид-19 ќе се обезбеди во соработка со ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
Во однос на спроведувањето на кризната состојба во Дебар и Центар Жупа, Филипче рече дека таа се спроведува добро, луѓето таму сериозно ја сфаќаат ситуацијата и покажуваат висок степен на дисциплина.
Според најавите на министерот, од работа ќе се ослободи и еден од родителите на децата со цистична фиброза.
„Денеска е веќе подготвен и списокот на лекари анестезиолози и медицински сестри кои по треба ќе ротираат по институциите каде што е потребно. Се надевам дека нема да дојде до тоа сценарио да имаме многу пациенти на машини за дишење. На располагање се околу 440 медицински сестри и 200 анестезиолози“,
рече Филипче.
Тој најави дека вечерва во 19 часот ќе се одржи нова седница на Владата на која ќе се дискутира за нови мерки кои ќе бидат соопштени веднаш по завршувањето.