Пензионерката потоа му се пожали на министерот за здравство оти со пензијата од 12 500 денари едвај успева да ги набави сите лекови кои ѝ се потребни за десетината болести од кои кажа дека боледува. Меџити, пак, ѝ пријде и, во обид да ја утеши, ѝ кажа дека добро се држи и покрај сите дијагнози
Пензионерка од Скопје утринава го пресретна министерот за здравство Фатмир Меџити во дворот на поликлиниката „Јане Сандански“, каде што тој претходно одржа прес-конференција, и лично го праша кога дијабетичарите ќе ги добијат лентите за мерење шеќер во крвта.
„А, ленти кога ќе добиеме ние што сме со еден бубрег?“,
праша таа.
Фото: Принстрин – МИА
Пензионерката потоа му се пожали на министерот оти со пензијата од 12 500 денари едвај успева да ги набави сите лекови што ѝ се потребни за десетината болести од кои кажа дека боледува.
„Земам пензија од 12 и пол илјади. Две ребра имам извадено поради рак, четири пати го имам оперирано мочниот меур, бубрег имам извадено, имам болна тироидна. Се отепав давајќи пари, пијам лекови за срце, имам шеќер, се боцкам по трипати. Живеам тука во пензионерски дом. Не сум мажена поради болести, се разболев многу млада. Немам фамилија, ми изумреа сите, имам само една стара сестра“,
продолжи пензионерката.
Министерот за здравство, пак, ѝ пријде и, во обид да ја утеши, ѝ кажа дека добро се држи и покрај сите дијагнози.
„Ќе има ленти. И навистина како министер се извинувам за тоа што доцнеа, но едно ќе ве уверам – отсега натаму со мене Фатмир Меџити како министер нема да има вакви проблеми со доцнење на лековите“,
додаде тој.
Меџити денеска ја посети поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, каде што разговараше со дел од матичните лекари и пациенти во врска со предностите од новата реформска мерка во Примарната здравствена заштита (ПЗЗ).