Од Општина Центар за „360 степени“ велат дека овластен градежен инспектор во моментов е на терен. Најавуваат соопштение во текот на денот
Од Град Скопје сѐ уште нема одговор на нашите прашања испратени утринава за тоа дали е одобрено барањето за сеча на дрвја на парцелата во сопственост на фирмата „Маркеза“
Жители на улицата „Питу Гули“ на Водно утрово забележале дека во неизгадениот дел со шума, над нивните куќи, на една од парцелите се оградува просторот. Тие алармираат дека сопственикот на парцелата се подготвува за сеча на шумата и изградба на куќа, иако вчера, на граѓанска средба во Општина Центар добиле уверување дека локалната власт бара правни механизми да го спречи тоа.
„Со обезбедување дојдоа во 6 и пол сабајле, иако вчера на средба во Општината добивавме уверувања дека ќе преземат сѐ што е во нивна моќ за да го спречат ова. Ние сто пати прашавме што ако дојде утре сопственикот и почне да сече шума, да гради. Општинарите нѐ уверуваа дека се бараат правни механизми. Очигледно е дека мудро е темпиран периодот, во време на празници, секако сабајлечки, но објаснете ми, ве молам, кој во оваа земја го штити интересот на граѓаните?! Кажете ми зошто јас и моите соседи треба некогаш повторно да им веруваме на институциите или, пак, да ги извршуваме нашите граѓански должности“,
вели Леана Таќи, жителка на Водно.

Друга жителка на Водно, на социјалните мрежи објави фотографии за тоа како од утрово изгледа соседството, со зборови „дојдоа да го покосат брдото“.
Од Општина Центар велат дека овластен градежен инспектор во моментов е на терен. За во текот на денот најавуваат соопштение за медиумите. Сѐ уште немаме одговор од Град Скопје каде утринава прашавме дали и кога е одобрено барањето за сеча на шума на конкретната парцела.
Од „Шанса за Центар“ сметаат дека Општина Центар треба да ги сопре сите градежни активности на Водно.
„Научно и со анализи е докажано дека шумата на Водно има клучно значење за заштита на Општина Центар од поплави и порои и е круцијална во борбата против загадувањето на воздухот. Бараме да се избегнат и големите трошоци за пробивање на исклучително стрмен пристапен пат до локациите на кои се планира градба, а со тоа и да се заштити правото на приватна сопственост на жителите на кои им се планира одземање на делови од дворовите за пробивање на патот. На средбата меѓу претставници на општината и жителите на Водно која се одржа во понеделникот, жителите најавиле тужба и дека ќе бараат времена мерка за запирање на градежните зафати. Симптоматично е што само неколку часа подоцна, во раните утрински часови во вторникот, инвеститорот со приватно обезбедување почнува да ја оградува парцелата“,
реагираат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, која има тројца советници во актуелниот Совет на Општина Центар.
Станува збор за парцела со сопственост на фирмата „Маркеза“ ДООЕЛ од Скопје, која, како што објави Истражувачката репортерска лабораторија, има деловни односи со фирмата БИСИ ДООЕЛ, на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски. Дозволата за градба на парцелата ја дал поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Во текстот на ИРЛ е пренесена и изјава на архитектот Мирослав Грчев дека е противзаконски да се издаде дозвола за градба ако до неа нема пристапен пат, како со спорните парцели во случајот. Екс-градоначалникот Богдановиќ, пак, за „360 степени“ тврдеше дека сообраќајниот пристап може да се прави паралелно со градбата.

Покрај дозволата за градба на „Маркеза“, која ја потпиша Богдановиќ, „360 степени“ веќе објави дека во процедура во Општина Центар се барања за одобрување на идеен проект и за одобрување на урбанистички проекти за соседната парцела, во сопственост на Богдан Георгиевски.
Актуелниот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски,во интервју за „360 степени“ кажа дека бараат правни механизми како да ги спречат градбите на Водно.
„Во овој дел каде е дадена дозвола и таа е правосилна, ќе разгледаме начини како тоа да продолжи понатаму. Ама може утре сопственикот да си го затвори, приватно земјиште е. Има добиено дозвола и правосилност. За самата таа парцела ќе поразговараме на една поголема средба со жителите и со инвеститорот. А, за другите понатаму, ќе се борам и ќе дадам се од себе тоа да не продолжи“,
кажа Герасимовски.