За разлика од 4 февруари годинава, кога на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје пристигна официјална делегација од Софија, сега такво нешто не е најавено. Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, изјави дека ќе нема заедничко чествување со С Македонија на 120-годишнината од смртта на револуционерот
Денеска, 4 мај, се одбележуваат 120 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
По тој повод, државни делегации од земјава ќе положат цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје, а предвидена е и богослужба од страна на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ ОА).
Според најавите, на вечното почивалиште на револуционерот денеска цвеќе ќе положи претседателот Стево Пендаровски и собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски.

За разлика од 4 февруари годинава, кога на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје пристигна официјална делегација од Софија, сега такво нешто не е најавено.
Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, минатата недела изјави дека ќе нема заедничко чествување со Северна Македонија на 120-годишнината од смртта на револуционерот. Рече дека очекува оние граѓани на Бугарија кои ќе сакаат да го посетат гробот на Гоце Делчев во Скопје да се соочат со истите проблеми како во февруари, кога се одбележуваше годишнината од неговото раѓање.
Чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари годинава, помина под засилени безбедносни мерки од македонска страна. Бугарското Министерство за надворешни работи тогаш излезе со реакција дека на голем број нивни граѓани им било оневозможено да присуствуваат на чествувањето во Скопје и биле задржани на граничниот премин „Деве Баир“.
Македонската гранична полиција на 4 февруари годинава со часови пропушташе само итни случаи поради, како што беше соопштено, пад на системот за проверки. Тоа предизвика тензии и расправии во кои бугарски државјани, поради неможност да ја поминат границата, недолично се однесуваа кон македонската полиција. Поради ова, тројца бугарски државјани беа приведени и добија парични казни од 300 евра и мерка протерување од земјава и забрана за влез во државата за период од три години.
Поради денешното одбележување на 120-годишнината од смртта на Годе Делчев, Министерството за внатрешни работи (МВР) од вчера воведе посебен сообраќаен режим, информирајќи дека затворена за сообраќај ќе биде улицата „Самоилова“ во подножјето на Скопското кале.
Македонскиот револуционер Гоце Делчев загинал на денешен ден во 1903 година во селото Баница, денешна Грција, во битка со османлиските војски.