Комисијата за заразни болести денеска ќе одржи состанок од кој се очекуваат препораки до Владата во однос на мерките за спречување на ширење на ковид-19.
Откако минатата недела беше регистриран поголем број заразени со вирусот, Владата донесе одлука во сите општини во Градот Скопје, околните скопски општини Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец и Студеничани, во Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што беше регистриран најголем број позитивни случаи на коронавирус, да биде воведен 80-часовен полициски час, додека во останатите градови забрана за движење почнуваше во 16 часот. На територијата на цела земја беше воведена забрана за посета на гробиштата.

Пред почетокот на полицискиот час во Скопје, многу жители од градот заминаа на туристичките места во земјава, каде што беа воведени поблаги рестрикции. Поради тоа, граѓаните упатија бурни реакции на социјалните мрежи во однос на тоа дека таквото постапување може да предизвика нови жаришта на местата на кои речиси и да нема заболени лица.
Во врска со тоа, министерот за здравство Венко Филипче рече дека било очекувано граѓаните за продолжен викенд да заминат во туристичките места, нагласувајќи дека каде и да се задолжително треба да ги почитуваат мерките со цел да не се шири заразата.

Пазарниот инспекторат викендов поднесе 22 кривични пријави за непочитување на владините мерки од страна на категоризираните сместувачки и угостителски објекти. Осум кривични пријави се поднесени во Охрид, четири во Струга, пет во Битола, три во Дојран и по една кривична пријава на Пониква и во Маврово.
Охрид темелно ќе се дезинфицира по продолжениот викенд
По одлука на Владата, на 26 мај целосно беше укинат полицискиот час во земјава. Во тој период беа регистрирани мал број случаи на заболени со коронавирус, како и голем број на оздравени лица. За речиси две недели оттогаш секојдневно се бележат по околу сто нови случаи дневно. Филипче оцени дека сегашната ситуација со епидемијата во земјава, односно со ширењето на заразата, се должи на нецелосното почитување на мерките.
Заклучно со вчера, во земјава има 1 226 активни случаи на заболени со ковид-19, најмногу во Скопје – 658.
