„Граѓаните треба да бидат свесни дека во иднина, во однос на оние кои особено безобѕирно управуваат со моторни возила надвор од секаков разум, ќе се оди со поригорозни мерки, односно ќе се оди и со конфискација на самото возило“, вели министерот

За да се стави во функција системот „Безбеден град“, кој треба да стартува на 1 јануари 2026 година, неопходни се измени во шест до седум закони и отпочната е постапката за секој од нив, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Овие измени, како што рече тој, не се однесуваат само на имплементацијата на системот, туку и на суштинско разграничување на безредието од нормалниот ред и поредок.
На прес-конференција посветена на резултатите од работењето на МВР во изминатата година, Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање за системот „Безбеден град“, најави поригорозни мерки за сообраќајни прекршоци, вклучувајќи и конфискација на возила.
Министерот објасни дека иако Кривичниот законик не е директно поврзан со системот „Безбеден град“, неговата измена и прецизно разграничување меѓу кривично дело и прекршок е клучна за превентивно дејствување. Целта е намалување на бројот на сообраќајни незгоди и човечки жртви.
„Граѓаните треба да бидат свесни дека во иднина, во однос на оние кои особено безобѕирно управуваат со моторни возила надвор од секаков разум, ќе се оди со поригорозни мерки, односно ќе се оди и со конфискација на самото возило“,
рече Тошковски.
Тој посочи дека во земјите каде што овој систем е имплементиран, има видливи резултати и изрази уверување дека такви ќе бидат постигнати и во Северна Македонија.
„Овој проект е отпочнат пред многу години, за жал неговата функционалност не е видлива до ден-денеска. Отпочнат е пред повеќе од, ако не се лажам, десетина години, надоградуван е од страна на претходната влада, надограден е и дополнително во последната година и се надевам дека конечно резултатот од истиот ќе го видиме“,
рече министерот.
Во однос на вкупната сума за проектот „Безбеден град“, Тошковски истакна дека нема конкретни информации, но забележа дека „е сигурно многу“.
„И затоа греота е што досега не бил ставен во функција така како што требало, жално е, но ние ќе го ставиме во функција и граѓаните конечно ќе го видат бенефитот затоа што потенцијал има огромен“,
подвлече Тошковски.
Во отчетот, министерот Тошковски изјави дека сè уште не е задоволен од фактичката состојба во сообраќајот.
„Има напредок, има намалување на тешките несреќи и бројот на повреди, но сè уште премногу луѓе гинат на улиците. Ова е една од најважните работи на кои работиме“,
порача министерот.