Во обраќање до сопартијците, Бранко Црвенковски го оценува како скандалозно интервјуто на актуелниот премиер и лидер на СДСМ за БГНЕС
Поранешниот премиер и шеф на државата, како и долгогодишен претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, се огласи по повод интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС.
По долга пауза од политичкиот живот, Црвенковски денеска се огласи во јавноста повикувајќи ги социјалдемократите итно да го свикаат Централниот одбор на партијата и да донесат заклучок дека ставовите на партискиот лидер Заев не ставови на партијата ниту на Централниот одбор.
До одржување на седницата на ЦО, Црвенковски вели дека го замрзнува своето членство во партијата. Тој вели дека изминативе седум години не сакал да биде присутен во политичката јавност, бидејќи додека СДСМ бил во опозиција не сакал на кој било начин да даде повод за напади кон партиското раководство или обвинувања дека спроведуваат политики под негово влијание.
„Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина, ако не се случеше скандалозното интервју на премиерот и претседател на нашата партија, Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада ниту на целиот државен врв“,
вели Црвенковски.
Тој во обраќањето до сопартијците вели дека нивна задача е да се намали штетата колку што е можно повеќе, но ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а тоа би имало катастрофални последици по партијата и по државата.
„Реакциите на поодделни видни членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни. Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ“,
вели Црвенковски.
Црвенковски беше на чело на СДСМ до пролетта 2013 година, по што не се кандидира за нов мандат, така што, на тогашниот изборен конгрес, Заев беше избран за лидер на партијата.