Полицијата соопшти дека прави сè што е во нивна моќ и ангажирала дополнителен персонал и набавила уреди за брза ДНК-анализа за идентификување на петте тела кои сè уште се неидентификувани

Инспектори ги проверуваат двете црни кутии на авионот на јужнокорејската „Џеџу ер“. Тие ги преземаат податоците од снимачот на глас од пилотската кабина, додека кај оној за податоците за летот велат дека му недостасува клучен конектор, што го отежнува извлекувањето на податоците, но од Министерството за транспорт велат оти бараат начини да ги прочитаат податоците од неа, пренесува Би-би-си.
Истрагата за причините за падот на авионот на „Џеџу ер“ се интензивираше бидејќи полицијата брза да ги идентификува жртвите.
Полицијата соопшти дека прави сè што е во нејзина моќ и ангажирала дополнителен персонал и набавила уреди за брза ДНК-анализа за идентификување на петте тела кои сè уште се неидентификувани. Членовите на семејствата на жртвите собрани на меѓународниот аеродром „Муан“, каде што се случи несреќата, побараа побрза идентификација и повеќе информации од властите.
Според пишувањата на светските агенции, досега околу 174 жртви се идентификувани.
Вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја, Чои Санг-мок, вчера нареди итна безбедносна проверка на целиот систем за воздушен транспорт додека истражителите се обидуваат да ја утврдат причината за најсмртоносната авионска несреќа во Јужна Кореја.
Проверките на сите 101 авиони „Б737-800“ со кои управуваат јужнокорејските авиокомпании се очекува да бидат завршени до 3 јануари, а аеродромот ќе остане затворен до 7 јануари, додаде Министерството за транспорт.
Се уште не е позната точната причина за несреќата. Раните теории се фокусираа на удар на птици, иако некои експерти не веруваат дека судир од тој вид – релативно честа појава во авијацијата – би бил доволно силен за да го спречи пилотот да ја спушти опремата за слетување на „боинг 737-800“ додека се приближувал до пистата, пишува „Гардијан“.
Истражителите, според „Гардијан“, се обидуваат да утврдат дали некој од контролните системи на авионот бил оневозможен, како и зошто пилотот се обидел да слета толку брзо откако прогласил итна состојба. Авионот, придвижуван од два мотори најверојатно патувал со голема брзина кога пилотот се обидел да изврши „слетување на стомакот“ (кога авионот се лизга на долниот дел бидејќи не се отвориле тркалата).
Исто така, критики има и за распоредот на аеродромот, а воздухопловните експерти се прашуваат зошто е изграден голем бетонски насип на околу 250 метри од крајот на пистата.
Се претпоставува дека жртвите загинале откако летот на „Џеџу ер“, кој пристигнувал од Бангкок, се удрил во бетонскиот насип при што патниците биле исфрлени во околните полиња.
Јужнокорејските власти соопштија дека насипот е изграден според индустриските стандарди, додавајќи дека аеродромите во другите земји имаат слични карактеристики. Но, некои експерти се сомневаа во потребата да се изгради толку блиску до крајот на пистата, се вели во написот од „Гардијан“.
Најмладиот патник на кобниот лет на „боинг 787-300“ кој излета од пистата на јужнокорејскиот аеродром Муан имал само три години. Најстариот патник, пак, имал 78 години, додека останатите биле претежно средовечни патници, главно од јужнокорејска националност. Двајца патници биле од Тајланд.
Поради оваа трагедија властите на Јужна Кореја прогласија седумдневна жалост во провинцијата Џеола.
Ова е најтешката несреќа во која учествувала јужнокорејска авиокомпанија од 1997 година, кога се урна авион на „Кореан ер“ во Гуам, при што загинаа повеќе од 200 луѓе, покажуваат податоците на Министерството за транспорт.
