Ако роверот и лендерот замолчат засекогаш, тоа не значи дека се работи за неуспешна мисија. Од самиот почеток беше сомнително дали овие два роботи ќе ги издржат екстремните услови на површината на Месечината
Индија минатиот месец влезе во историјата како прва земја што слета во близина на јужниот пол на Месечината. Имено, лендерот „Чандрајан 3“ и лунарниот ровер сѐ уште „спијат“, иако требало да се разбудат пред неколку дена. На почетокот на септември лендерот и роверот „заспале“, односно ги прекинале процесите бидејќи на Месечината паднала ноќ и им се потрошиле батериите.
Ноќта на Месечината не трае толку кратко како на Земјата, таа се протега на 14 наши денови. Индиската организација за вселенско истражување (ИСРО) се надеваше дека лендерот и роверот ќе се разбудат на 22 септември со доаѓањето на новиот лунарен ден, откако ќе се наполнат нивните соларни панели.
„Тој мора да ни јави дека е жив“
За жал, лендерот „Викрам“ и роверот „Прагјан“ не одговориле на пораките испратени од контролата на мисијата. Научниците се обиделе повторно да ги разбудат во понеделникот, но безуспешно и изјавиле дека шансата за повторно будење на историскиот лендер се намалува со секој изминат час. Како и да е, тој ќе продолжи да се обидува да се „разбуди“ сѐ додека трае лунарниот ден.
„Лендерот и роверот имаат многу компоненти кои можеби не ги преживеале ниските температури на Месечината. Ако предавателот на лендерот не се вклучи, тогаш немаме врска. Мора да ни јави дека е жив. Дури и сите други потсистеми да работат, не можеме да знаеме без пораки од предавателот“,
изјавил во понеделникот за Би-би-си поранешниот шеф на ИСРО, Киран Кумар.
Ако роверот и лендерот замолчат засекогаш, тоа не значи дека се работи за неуспешна мисија. Од самиот почеток беше сомнително дали овие два роботи ќе ги издржат екстремните услови на површината на Месечината. Технологијата на лендерот и роверот не е дизајнирана да ги издржи лунарните ноќни температури кои можат да паднат до речиси минус 200 Целзиусови степени.