Анализите што ги прави Министерството за економија за сметањето на времето сè уште се во тек, иако претходно министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека тие би требало да бидат готови до крајот на неделава. Во меѓувреме, по ова прашање побарано е мислење од МАНУ и Бирото за метрологија и штом се добие нивното мислење, како што вчера изјави министерот Бектеши, анализата ќе биде доставена до Владата која треба да ја донесе конечната одлука
Сè уште не се знае дали во земјава ќе се задржи летното сметање на времето за да се заштеди електрична енергија или ќе се премине кон зимското сметање. Анализите што ги прави Министерството за економија за сметањето на времето сè уште се во тек, иако претходно министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека тие би требало да бидат готови до крајот на неделава.
Во меѓувреме, по ова прашање побарано е мислење од МАНУ и Бирото за метрологија и штом се добие нивното мислење, како што вчера изјави министерот Бектеши, анализата ќе биде доставена до Владата, којашто треба да ја донесе конечната одлука.
Одлуката дали ќе остане летното сметање на времето или ќе се премине кон зимско сметање треба да биде донесена до крајот на овој месец.
Премиерот Димитар Ковачевски во понеделникот изјави дека анализите ќе покажат каква одлука ќе биде донесена.
„Ќе видиме дали ќе продолжиме со летното сметање на времето или како досега ќе ја направиме промената. Во моментот не можам да ви кажам, би сакал да ги видам анализите. Во моментот повеќе има ‘про’ оставање на летното сметање на времето, но да ги видиме сите детални анализи и потоа ќе донесеме одлука“,
рече Ковачевски.
Зимското сметање на времето почнува од последниот викенд во октомври, кога стрелките на часовникот се поместуваат за еден час наназад. Доколку го задржиме летното сметање на времето тоа би значело дека последниот викенд од октомври (ноќта од саботата кон неделата) нема да ги поместиме стрелките на часовникот за еден час наназад.
Ваквата можност ја најави Владата минатата недела, а го задолжи Министерството за економија да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.