Државниот јавен обвинител посочи дека сè уште не е издадена наредба за спроведување истражна постапка, но кажа дека станува збор за кривично правен настан во кој треба да се преземат повеќе истражни дејствија за утврдување кривична одговорност кај поголем број лица за дела против општата сигурност од член 292 од Кривичниот законик, како и за постоење на основи на сомнение за давање и примање поткуп, како и за кривични дела во врска со употребата на пиротехнички средства
Тимот јавни обвинители и надлежни инспектори за време на денешниот увид утврдил бројни пропусти во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде синоќа се случи пожар во кој загинаа 59 лица, а повеќе од 150 се повредени.

Ова вечерва на прес-конференција го соопшти државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, додавајќи дека увидот сè уште не е завршен и ќе продолжи во текот на утрешниот ден.
Тој, исто така, кажа дека Јавното обвинителство ќе бара краткотраен притвор за 10 лица за кои во текот на денешниот ден биле обезбедени докази за евентуална одговорност за пожарот во објектот. Откако ќе заврши увидот, како што кажа Коцевски, притворот во зависност од околностите притворот може да биде продолжен за уште 30 дена.
Утре, Коцевски најави дека ќе ангажира уште најмалку тројца до петмина јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, кои ќе му се придружат на актуелниот обвинителски тим, кој сега брои шестмина обвинители од Скопје, Кочани и Штип. Ова е од причина, што, како што рече Коцевски, има доста работа коишто треба да се проверуваат и испитуваат и да се собираат докази.
Од она што денеска било сработено од обвинителите и инспекторите, државниот јавен обвинител соопшти дека се констатирани многу пропусти во објектот во Кочани.
„Објектот немал хидрантска мрежа, ниту имал хидрант во употребна функција. Немало доволен број противпожарни апарати според квадратурата на објектот, односно имало само два. Немало две излезни врати пропишани за евакуација на луѓе, туку имало една единечна импровизирана метална врата во задниот дел од објектот, но истата била заклучена со катанец и без квака од внатрешната страна и обложена со гипс-картон и сунгер за звучна изолација. Немало пристап за противпожарни возила од двете спротивни страни согласно Правилникот за заштита од пожари, експлозии и опасни материи. Внатрешноста на објектот била обложена со гипс-картон, но истиот не бил со огноотпрони својства. Немало спуштен таван со противпожарна отпорност. Немало врати со противпожарна отпорност, ниту пак систем за кочење на вратите, ниту пак систем за известување на присутните лица за настанат пожар со силен звучен сигнал. Истиот бил непрописно обложен со материјали за звучна изолација како и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали на висина од три метри без соодветна дозвола и без друштво (фирма) со овласување за палење на пиротехничките материјали“,
наведе државниот јавен обвинител.
Според Коцевски, согласно имотниот лист објектот не бил адаптиран за угостителски објект, но и покрај тоа имал дозвола од Министерството за економија да ја врши оваа дејност издадена уште пред петнаесетина години.
„Објектот во кој е случена несреќата согласно имотниот лист е регистриран како деловен објект за лесна индустрија со површина од 419 квадратни метри. Не е извршена пренамена на објектот од лесна индустрија во угостителски објект. И покрај тоа што за објектот нема пренамена истиот има дозвола за работа од Министерството за економија како за угостителски објект издадена уште пред петнаесетина години“,
рече Коцевски.

Инаку, во текот на денешниот ден, како што информираше тој, биле издадени и поголем број наредби за преземање на мерки во врска со настанот.
„Беа издадени наредби да се апси секое лице кое што со своето постапување или непостапување придонело за настанот и да се испита неговата улога. Беше издадена наредба за анализа на одземени предмети до Одделението за форензика во Скопје. Издаден е предлог за издавање наредба за привремено одземање на видеозапис од безбедносните камери на Основниот суд Кочани. Беше издаден предлог за издавање наредба за за привремено одземање документација за правниот субјект доставен исто така до Основниот суд Кочани. Беше издадено барање за издавање наредба за претрес на дом и други простории до Основниот суд Кочани и беше издадено исто така барање за меѓуинституционална соработка до Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција“,
кажа Коцевски.
Тој посочи дека сè уште не е издадена наредба за спроведување истражна постапка, но кажа дека станува збор за кривично правен настан во кој треба да се преземат повеќе истражни дејствија за утврдување на кривична одговорност кај поголем број лица за дела против општата сигурност од член 292 од Кривичниот законик, како и за постоење на основи на сомнение за давање и примање поткуп, како и за кривични дела во врска со употребата на пиротехники средства.
„Од страна Јавното обвинителство сослушан е еден од, да речам, првите осомничени, а тоа е еден од организиторите. Од неговиот исказ дадени се одредени релевантни докази со тоа што можам да ви кажам дека нема писмен договор меѓу организаторот и од страна на групата за организирање на концертот“,
информира државниот јавен обвинител.
За делото примање и давање поткуп Коцевски рече дека во не може да посочи за кои лица станува збор, но кажа дека се лица од Министерството за економија.