Бебето е под старателство на центар за социјални работи и е сместено во установа за згрижување деца без родители
Наредба за спроведување истражна постапка донесе Основното јавно обвинителство Велес против мајката на шестмесечното бебе, кое на 12 јули е пронајдено оставено на клупа на улицата „8 Септември“ во Велес, информираат од Обвинителството.
Бебето е забележано од случаен минувач, кој го однел во велешката болница, каде што е примено во тешка здравствена состојба.
„Во текот на предистражната постапка, надлежен јавен обвинител издаде наредба за утврдување ДНК-профил на бебето и ДНК-анализа со што се утврди дека сега осомничената е биолошка мајка на бебето, која со грубо запоставување на својата должност за родителска грижа и воспитување го запуштила своето новородено дете и во услови на исклучително висока температура на воздухот од над 40 Целзиусови степени го оставила на клупа, необлечено, неухрането и дехидрирано. По приемот во болницата, таа накратко го посетила бебето, по што си заминала и не се вратила. Поради тоа, постои основано сомнение дека со ваквите дејствија таа сторила кривично дело – запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“,
велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека кај бебето е констатирано тешко нарушување на здравствената состојба, што е документирано од надлежен јавен обвинител со соодветна медицинска документација и вешт наод, а испитан е и случајниот минувач што го нашол оставеното бебе.
Јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор против осомничената, која е во бегство и е недостапна на адресата на која престојувала во Велес.
„Предлогот е прифатен, мерката ќе стапи во сила по нејзиното пронаоѓање и лишување од слобода“,
информира Обвинителството.
Бебето е под старателство на Центар за социјални работи и е сместено во установа за згрижување на деца без родители.
Од СВР Велес на 12 јули информираа дека во велешката болница е однесено бебе во тешка здравствена состојба кое претходно случаен минувач го нашол оставено во центарот на градот. Според полицискиот извештај, што се темели на извори од болницата, кратко време откако било донесено бебето, во болницата дошла С.К. која била на околу 20-годишна возраст и која рекла дека е мајка на бебето. Но, потоа жената ја напуштила болницата.