„Според јавно достапните информации, двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се опфатени со истрагата поради наводно непостапување. Логично се наметнува прашањето зошто актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски, не е опфатен со истрагата“, прашаа од СДСМ
Сериозноста на трагедијата во Кочани што ја погоди цела Македонија и во која загубивме 59 млади животи гласно повикува на непристрасна истрага за лоцирање на одговорноста од сите, без исклучок, соопштија денеска од СДСМ додавајќи дека даваат силна поддршка на независна, темелна и неселективна истрага која ќе лоцира одговорност за сите поранешни и сегашни функционери, службеници и политичари.
„Државата, институциите, мора да покажат капацитет да ја спроведат правдата до крај. Тоа им го должиме на семејствата на жртвите, на граѓаните и на идните генерации. Ваков ужас, вакви трагедии никогаш повеќе да не се повторат. Од она што досега се случува со текот на истрагата и за што имаме информации, изразуваме длабока загриженост дека истрагата се води селективно и дека е насочена само кон поранешни функционери и службеници“,
изјави на прес-конференција Јон Фрчкоски, директор на Центарот за истражување и анализа.
Тој оцени дека досега целосно се игнорирале тие кои биле на функции токму во времето кога се случила трагедијата во Кочани.
„Според јавно достапните информации, двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се опфатени со истрагата поради наводно непостапување. Логично се наметнува прашањето зошто актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски не е опфатен со истрагата? Иако носи дури и поголема одговорност за надзорот врз објектот „Пулс“ во период пред и за време на кривично-правниот настан. Државниот пазарен инспекторат има надлежност да врши надзор над примената на законите, а има и законска обврска да одреди и забрана за работа од 30 дена доколку не се исполнети законските услови. Дали сето ова било спроведено во мандатот на актуелниот директор на ДПИ? Дали постоеле сознанија за прекршувања на законите? Или некој свесно не постапил? Ова се легитимни прашања на кои истрагата треба да даде одговор“,
рече Фрчкоски.