Од партијата тврдат дека наместо да се побара одговорност, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја заташка вистината за скандалот

Опозициската СДСМ денеска излезе со обвинувања, тврдејќи дека злоупотребите на милиони евра од програмата „Еразмус+“ директно водат до владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека последните случувања се скандал без преседан кој целосно ја урива довербата во институциите.
Според СДСМ, Владата предводена од Христијан Мицкоски назначила за в.д. директор на Националната агенција за европски образовни програми лице кое е под активна истрага на ОЛАФ – Европската канцеларија за борба против измами. Од партијата тврдат дека наместо да се побара одговорност, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја заташка вистината за скандалот.
Во соопштението, СДСМ истакнува дека не станува збор само за 2,2 милиони евра.
„Од 2014 до 2017 година, кога Ана Михајлов (тогаш Митровска) била одговорно лице за евалуаторите во Агенцијата, заедно со Дорина Ѓорчева Митровска, биле доделени над 8 милиони евра европски пари“,
се додава во соопштението.
Опозицијата бара истрагата да утврди дали овие средства биле законски распределени или се дел од проневера.
Покрај тоа, СДСМ прашува каква е улогата на Бошко Нелкоски, првиот директор на агенцијата и ментор на новата в.д. директорка, и дали тој е посочен во извештајот на ОЛАФ како иницијатор на организирана проневера и незаконско доделување на средства.
Од СДСМ прашуваат и каква е поврзаноста со фирмите „Силвер Лион Сервисес“ и „Агронимија Органика“ и дали тие се дел од истата мрежа на сомнителни тендери и злоупотреби идентификувани од ОЛАФ.
Од СДСМ велат дека за овој скандал мора да има итна и целосна кривична истрага за сите инволвирани, со што би се открило во чии џебови завршиле 8 милиони евра европски пари. Партијата тврди дека ова е уште една партиска шема на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ изминатите денови изнесоа, како што велат, нов скандал во Националната агенција за европски образовни програми, обвинувајќи ја Владата дека за в.д. директорка ја назначила Ана Михајлов, која, според нивни информации, е осомничена во истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Тие рекоа дека назначувањето на Михајлов на 1 август било извршено без транспарентност и без консултација со Европската Унија.
Од партијата покажаа официјален извештај на ОЛАФ од 2023 година, кој наводно укажува на основано сомневање за злоупотреба на над два милиони евра, во периодот на претходната влада на режимот на Груевски, кој почнува од 2016 година.
Тие побараа од Владата итно да ја разреши Михајлов од позицијата в.д. директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност задолжена за „Еразмус“ и да обезбеди услови за непречена истрага од страна на Основното јавно обвинителство.
За обвинувањата од СДСМ реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде што рекоа дека актуелното решение е во целосна координација со канцеларијата на Европската Унија и ги упатија од опозицијата забелешките да ги сподели и со канцеларијата на ЕУ.
Оттаму рекоа дека ако имало нешто спорно и незаконско во работењето на Агенцијата задолжена за „Еразмус“, во периодот што го посочуваат од СДСМ, од 2014-2017 година, требало тоа да го проверат и расчистат кога нивната партија била на власт.